Една третина од компаниите ќе се затворат ако не се намали цената на електричната енергија или не добијат државна помош

од Stefanija Kuzmanovska
289 прегледи

Цената на електричната енергија за седум пати ги зголемила трошоците на компаниите споредено со минатата есен, покажува анализата на Организацијата на работодавачи спроведена на 125 фирми кои со електрична енергија се снабдуваат на отворениот пазар.

Соочени со ваквиот предизвик, дополнет со општиот пораст на цените, секоја трета компанија размислува привремено да го прекине производството или да го затвори бизнисот доколку цената на електричната енергија не се намали или не биде понуден нов пакет поддршка за нив.

Анализата за влијанието на енергетската криза покажува дека најпогодени се компаниите од преработувачката индустрија и трговијата бидејќи најголем дел од нив се изземени од владините мерки за субвенционирана електрична енергија и пристап до поволни кредити за инвестиции во фотоволтаици.

Поради сложената административна процедура, едвај една третина од компаниите успеале да започнат со сопствено производство на електрична енергија со сончеви панели.

Во насока на намалување на негативните ефекти од енергетската криза, Организацијата на работодавачи на Владата ќе и предложи нов пакет мерки и тоа:

-директна помош со субвенционирање на цената на електричната енергија што се купува на отворен пазар над одреден ценовен лимит и тоа од 100-200 евра за MWh, намалување на ДДВ-то или ограничување на маржата за пренос и дистрибуција на електрична енергија

-гаранции дека нема да се менува законската регулатива во одреден временски период

– мерки за поголема флексибилност на пазарот на труд односно можност за ангажирање на лица помлади од 16 години за да се задоволат потребите од пониско квалификувана работна сила

-поедноставна процедура и поддршка на компаниите кои сакаат да изградат сопствени фотоволтаични и ветерни централи и укинување на увозните давачки, како и

-проширен пристап до поволни кредити и воведување едношалтерски систем за ваков вид инвестиции

Слични содржини