Северна Македонија мора неодложно да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кој е во работна посета во Виена.
„ Потребни се одлучни чекори за да се врати силата на европската визија во регионот. Придвижувањето на евроинтегративниот процес ќе значи зголемена доверба, влијание и предвидливост на европската перспектива согласно австриската позиција дека нема друга алтернатива за процесот на проширување со Западниот Балкан, а ќе внесе позитивна динамика и нова енергија неопходна за унапредување на имиџот на ЕУ како стратешки актер“, изјави Димитров.
Австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер, на заедничката прес-конференција со вицепремиерот Никола Димитров посочи дека Северна Македонија е кандидат за пример и оти дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.
„И понатаму станува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Искрено велам, дека немам разбирање за ветот .Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела“, рече Едштадлер.