Ефективноста на вакцината „Спутник V“ кај постарите лица е повеќе од 90 проценти

од Vladimir Zorba
185 прегледи

Ефективноста на руската вакцина против вирусот корона „Спутник V“ кај лица постари од 60 години е поголема од 90 проценти, објавено е на официјалната сметка на вакцината на Твитер.

„Спутник V исто така целосно штити од тешки случаи на заболување во таа и другите возрасни групи“, се наведува во соопштението.

Министерството за здравство на Русија е задоволно од резултатите од клиничките испитувања на вакцината и ја одобри употребата на „Спутник V“ за вакцинација на лица постари од 60 години. Вакцината сега е одобрена за сите возрасни групи над 18 години.

Вакцината летово беше успешно тестирана на волонтери на возраст од 18 до 60 години, кои развија имунолошки одговор и антитела на Ковид-19. Испитувањата по регистрацијата започнаа во септември, а покрај во Русија, тие се одржуваат и во ОАЕ, Венецуела и Белорусија.

Десетици илјади луѓе учествуваат во испитувањата, вклучително и стари лица и ризични групи. Форматот на студијата е променет, така што на волонтерите повеќе не им се дава плацебо, туку само вистинската вакцина.

Да потсетиме, вакцината „Спутник V“, произведена од институтот „Гамалеј“, на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Русија, со што стана првата регистрирана вакцина против вирусот во светот.

Вакцината се базира на проучена и тестирана платформа на аденовирусни вектори кај луѓето, чии важни предности се безбедноста, ефикасноста и отсуството на долгорочни несакани ефекти.

Слични содржини