Егото на Данела поважно од подобрувањето на јавниот превоз!?

од Nikola Popovski
1,9K прегледи

Граѓаните на Град Скопје се уште ги чекаат шестте автобуси кои се донација од Организација на обединетите нации за јавни услуги. Оваа точка беше изгласана на една од последните седници на Советот на Град Скопје со над 30 гласови. Сепак автобусите и понатаму стојат на царина.

Како што дознава „Локално“, 6-те автобуси донација не се пуштени во функција, затоа што градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не сакала да има претставници од Владата во гаражите на ЈСП Скопје на промоцијата на автобусите.

Нашата редакција испрати прашања до раководството на ЈСП Скопје и Град Скопје за нивна реакција, но, до моментот на објавување на текстот не добивме одговор.

Пред десетина дена, Ленин Јовановски – првиот човек на „Слобода превоз“ на неговиот Фејсбук профил вели дека имал можност да има увид во потпишаниот договор за Јавно приватно партнерство помеѓу Градот Белград – Секретаријат за јавен превоз и приватните превозници кој може да биде и добра основа за подобар јавен градски превоз и за Скопје.

Тој додаде дека добра вест е што градот Белград планира да донира автобуси од марката „Соларис“.

„Добра вест е она што е постаро од Соларис автобусите очекуваме да се донира во Скопје. Инаку нови 6 автобуси од BMC со мотиви од Град Скопје ќе добие и ЈСП Скопје за празникот 13 ноември благодaрение на UNOB (United Nation office in Belgrade). Работиме посветено PRO BONO за Скопје од желба и за инат на сите тие што не знаат како да работат и оние што не сакаат да работат , а платени се за тоа. Ете кој колку може во целава лакрдија со јадниов превоз во Скопје“, потенцираше тогаш Јовановски.

„За жал, скопјани ќе мора да ги почекаат локалните избори за да се реши проблемот со кој секодневно се соочуваат- јавниот градски превоз. Јавниот превоз во Скопје е далеку од тоа што треба да биде, но секој ја носи својата одговорност. Ние разговаравме кога се правеа одредени законски измени во однос на градоначалници и мој личен став е дека е недозволиво да единствена позиција во оваа држава која што не може да биде отповикана е градоначалник и затоа тоа дава вакви резултати. Со ова се одговорив“ – ова пред три дена го истакна министерот за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање околу проблемот со јавниот превоз во Скопје и дали ќе се чекаат локални избори за да се реши истиот.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вели дека за жал, за решението со овој проблем со кој секојдневно се соочуваат скопјани, мора да се почекааат локални избори.

Во меѓувреме, барањата на Арсовска за набавка на нови еколошки автобуси со кредит, не наидува на разбирање кај советниците, а предизборното ветување за бесплатен градски превоз за сите, одамна веќе никој не го спомнува.

Жителите на Скопје веќе подолго време се соочуваат со недостиг на автобуси, нередовни возни линии и преполни возила. Редуцираните линии и нередовните термини создаваат сериозни проблеми за граѓаните. Чекањето на автобуските станици трае и повеќе од половина час, а често дури и тогаш патниците не можат да влезат во автобусот поради преполнетост. Ова предизвикува фрустрација и дополнтелен стрес кај граѓаните кои се потпираат на јавниот транспорт за секојдневни активности.

Од актуелниот мандат на градската власт во Скопје, како и во останатите општини, се потрошија речиси повеќе од три години. Последните локални избори се одржаа во октомври 2021, а следните треба да се организираат истиот месец наредната година.

Арсовска дојде на градоначалничката функција како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021. Тогаш Мицкоски велеше дека на Скопје му треба „менаџерка“ и дека таа ќе го направи Скопје модерен град.

Н.П.

Слични содржини