Добро е што Иванов почна да зборува, но решенијата кои ги предлага за привремено решавање на следењето на комуникации не треба да бидат во МВР, истакна денеска на брифинг со новинарите, министерот за внатрешни Оливер Спасовски. Предлог законите кои владата ги усвои вчера се решение за спречување на злоупотребата на прислушувањето, оцени Спасовски и потврди дека од 5-тата управа има вработени кои се отпуштени, објави Телма.

Вработен во 5-тата управа вчера добил отказ по одлука на дисциплинска комисија и со потпис на Спасовски. Со него вкупно 4-ца вработени во овој оддел на УБК задолжен за прислушувањето, добиле откази во последните 6 месеци поради злоупотреби во службата. Министерот Спасовски на брифинг со новинарите не прецизираше дали се отпуштени само поради нелегално прислушување во кое имале учество, туку дека отказите се комбинирани и поради тоа и поради учеството во 27-ми април кога не биле преземени определени активности.
Двајца меѓу отпуштените, по крвавиот четврток ги одзеле хард дисковите со снимките од собраниските безбедносни камери, но снимките биле копирани и на друго место. Спасовски вели дека има уште дисциплински постапки, а директорот на УБК Горан Николовски пред новинарите истакна и дека уште
десетина вработени во 5-тата Управа си заминале и сами си дале отказ.
Двајцата екс-началници на одделот, кои се во притвор во Солун и обвинети од СЈО, Горан Грујевски и Никола Бошкоски се уште не добиле откази, а нивните места се во мирување. Подвижната опрема за
следење на комуникации, како и опремата за спречување нелегално прислушување- кои се дел од
истрагата Странски служби на СЈО се под клуч и не се користат, тври и Спасовски и директорот на УБК.
Двајцата денеска истакнаа дека предлог-законите за следење на комуникации и за оперативно-техничка
агенција кои вчера владата ги усвои ќе го подобрат системот за заштита и ќе спречат злоупотреба на
мерката за прислушување. За формирањето на нова оперативно-техничка агенција (ОТА) надвор од МВР-
велат дека е прифатено од експертите на Прибе, кој во своите извештаи предлагаше опремата за
следење на комуникации да биде во телекомуникациските оператори. Спасовски официјално излезе со
став дека не е добро решение, странски компании кои ги поседуваат македонските оператори да имаат
контрола и увид во процесот.
Иванов во своето претседателско обраќање пред Собранието побара надлежните до почеток на
примената на новото решение, надлежните во МВР следењето на комуникации да го префрлат од УБК и
од 5-тата управа во друг оддел на МВР за да се спречат сомнежите дека се уште има противзаконско
прислушување.
Спасовски и Николовски тврдат дека нема нелегално прислушување, а за министерот- вчерашниот говор
на Иванов покажува дека е добро што претседателот почнал да зборува, но и дека решението за
проблемот не треба и не смее да биде во МВР.
Досега собраниските комисии за надзор не извршиле проверка на лице место во 5-тата управа дали има
нелегално прислушување, иако било договарано надзорот да почне веднаш по локалните избори, тврди
Спасовски./Телма