– Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека разговарал со Доналд Трамп во неделата вечерта, поканувајќи го да ја посети балканската земја и посочи дека во Србија новоизбраниот американски претседател имал највисока поддршка од сите европски земји за време на изборната кампања, пишува американската Еј-Би-Си (ABC).
Вучиќ рече дека телефонскиот разговор бил „многу срдечен“ и додаде дека Трамп „знае многу работи за Србија“. Тој изрази надеж дека односите меѓу Србија и САД „ќе продолжат да се подобруваат во сите области“ за време на администрацијата на Трамп.
Вучиќ изрази надеж дека Трамп ќе ја посети Србија, бидејќи Србија е земјата каде поддршката за изборот на претседателот Трамп е најголема во цела Европа.
Вучиќ и другите српски лидери отворено го поддржуваа Трамп за време на кампањата, надевајќи се дека неговата политика на Балканот ќе се промени, пишува „ABC“.
Вучиќ рече дека Трамп му се заблагодарил за поддршката што ја добил од српскиот народ и изразил уверување дека во наредниот период со Трамп ќе може да разговара за натамошно подобрување на односите меѓу двете земји на сите полиња.
Србија одржувала блиски односи со соработниците на Трамп и за време на администрацијата на Џозеф Бајден, се наведува меѓу другото во текстот.
Иако формално бара членство во Европската унија, Србија одби да воведе меѓународни санкции против нејзиниот традиционален сојузник Русија поради нејзината инвазија на Украина, се додава во анализата.