ЕК ги повика партиите во Македонија да ги спроведат уставните измени

од Nikola Popovski
23 прегледи

Европската Комисија ги повикa сите политички сили во Македонија да се обединат и да ги спроведат измените на Уставот, односно вклучување на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот на земјата. Ова денеска го изјави портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.

Таа потсети дека претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен минатата недела беше во посета на Западен Балкан, вклучително и во Скопје, каде потсетила дека има многу јасна цел – што побрзо да гo отвориме Кластерот „Основни вредности“.

-Таа (Фон дер Лајен) потсети и на уставните измени на кои С.Македонија се обврза да ги спроведе. Секако, ги повикуваме сите политички сили заедно да го направат овој важен чекор, истакнала Писонеро.

Фон дер Лајен, за време на посетата на Македонија минатиот четврток порача дека ЕУ има јасна цел, а тоа е што е можно поскоро да се отвори кластерот во пристапните преговори на Македонија во Унијата, но за тоа е потребно да поминат уставните измени на кои земјава се обврзала. Фон дер Лајен побара политичките сили во земјава да се здружат и да „ги преземат потребните одлучни чекори за напредок“. Премиерот Мицкоски, пак, ѝ порача на претседателката на ЕК дека Македонија очекува Унијата да ни помогне како да ги продолжиме евроинтеграциите „уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои почива самата ЕУ“. Ниту Фон дер Лајен ниту Мицкоски не открија дали идејата за уставни измени со одложено дејство е прифатливо за Брисел.

Македонија на 19 јули 2022 година го започна првиот дел од првата меѓувладина конференција со ЕУ. Според усвоената преговарачка рамка, за да ги продолжи преговорите со Унијата, мора да ги вметне Бугарите во Уставот.

Слични содржини