Во интервју за „Ди Пресе“, Груевски ги отфрла обвинувањата за корупција и тврди дека во Македонија нема проблем со слободата на медиумите. Грција е во фокусот на германскиот печат-пренесува DW.

Австрискиот весник Ди Пресе во денешното издание објавува интервју со македонскиот премиер Никола Груевски во кое тој, меѓудругото, говори за актуелната политичка криза во Македонија, евро-атлантските интеграции и спорот за името со Грција.
„…Груевски не размислува за оставка, ниту за коалиција со опозицијата. Разочаран е од ЕУ“, го сумира разговорот во кратки црти Ди Пресе.
Првото прашање се однесува на политичката криза, бојкотот на парламентот од страна на опозицијата и секојдневните протести, а директното прашање гласи: дали сте подготвени за оставка за да овозможите нов почеток?; на што Груевски одговара:
„Однадвор тоа изгледа поинаку. Протестираат 50 до 100 луѓе од кои повеќето работат во јавната администрација во општината во која Зоран Заев е градоначалник“.
Објаснувајќи ја позадината на скандалот со прислушувањето, Груевски повторува дека бил уценуван од Заев.
„Кон средината на септември добив СМС порака од Заев во која бараше средба со мене. Ги известив надлежните затоа што стравував од уцена. Јавниот обвинител нареди да се снима мојот разговор со Заев. Заев ми кажа дека поседува телефонски разговори и дека е подготвен да ги употреби материјалите. Но тоа немало да биде добро за државата, па затоа требало да се формира експертска влада. Бев уценет“.
Груевски понатаму вели дека снимките се манипулирани и лажирани. „Заев на неговите прес-конференции ги презентира монтираните снимки во лажен контекст“.
На прашањето на новинарот, дали со тоа негира дека во неговата земја има корупција во врвот на власта, Груевски одговара потврдно.
„Јас не мислам дека има корупција на највисоко ниво, но тоа е работа на судовите“.
Повеќето медиуми се партиски
Македонскиот премиер вели и дека се согласил на предвремени избори, и бил подготвен истите да ги организира „уште во јули годинава“, но опозицијата инсистирала тие да се одржат во април следната година.
На забелешката на новинарот, дека неговата партија е во предност затоа што повеќето медиуми го поддржуваат него, Груевски одговара дека „проблемот во Македонија не е во недостатокот на медиумски слободи“.
„Проблемот е што повеќето медиуми се партиски, и ја поддржуваат или владата или опозицијата. Само неколку се неутрални“, вели Груевски.
Препораката од ЕУ не донесе многу
Околу заканите на ЕУ дека ќе ја повлече препораката за почеток на преговорите за членство со Македонија доколку не се реши кризата, Груевски коментира дека таа и досега не донела многу.
„…Од досегашните препораки не добивме многу. Не беа почнати преговорите. Сепак, повлекувањето на препораката за нас ќе биде чекор назад. Еврокомесарот Хан многу ни помогна. На 2 јуни потпишавме договор со кој се предвидуваат избори во април. Така ќе се дојде до решение- и преку анкетна комисија во парламентот. Нашиот интерес е да има кристално чисти избори“.
Во однос на спорот за името со Грција и блокираните евро-атлантски интеграции, Груевски оценува дека „ЕУ-членките прават премалку за да се најде начин за напредок на Македонија“ и додава дека „ЕУ е 100-процентно концентрирана на грчката криза и нема капацитет за ништо друго“.
На забелешката на новинарот дека и националистичките тонови од Македонија и подигнувањето статуи на Александар Велики би можеле исто така да се сметаат за контра-продуктивни, Груевски одговара дека тоа е само одговор на грчките провокации.
„Има само две статуи кои се поврзани со грчката историја. Грција со години не провоцира, не нарекува вештачка држава, вештачка нација. Тоа доведе дотаму, да преземеме чекори со кои ќе покажеме дека тоа не е точно“, вели Груевски за Ди Пресе.
Извор: DW