Европската комисија има намера да организира вечера во четврток, на 19 септември, на која ќе бидат поканети лидерите на Западен Балкан.
Се уште не е потврдено дали новиот План за раст на ЕУ, иницијатива вредна шест милијарди евра, ќе биде дел од дискусиите. Инаку, иницијативата има за цел да го забрза процесот на членство преку поддршка на приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, во одговор за „Albanian post“ открила дека „Комисијата во моментов ги анализира реформските агенди кои им ги презентирале на партнерите од Западен Балкан“.
Европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархељи, во понеделникот на 9-ти септември од Будимпешта рече дека целта е да се одржат меѓувладини конференции со Србија, Албанија и евентуално со Северна Македонија во наредните месеци.
„Мораме да ги продолжиме преговорите со Србија и да го отвориме Третиот кластер: Конкурентност и инклузивен раст. Исто така се надевам дека наскоро ќе биде отворен Првиот кластер: бази со Албанија и можеби со Северна Македонија, под услов да се исполна5 условите што ги постави Советот во односите со Северна Македонија“, открил во својот говор европскиот функционер.