ЕK нема конкретен план за забрзување на реформите во Западен Балкан и процесот на проширување

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Европската комисија нема конкретен план за забрзување на реформите во Западен Балкан и процесот на проширување на ЕУ, се вели во одговорот на институцијата на пратеничко прашање на Лукас Фурлас, кипарски пратеник во ЕУ парламентот од владејачката Европска народна партија.
Иако директно не кажаа дека нема план, од Европската комисија велат дека брзината на пристапување зависи исклучиво од земјата кандидат и брзината на исполнување на реформската агенда.

„Процесот на проширување е заснован на заслуги и зависи од објективниот напредок на секој од партнерите. Брзината на процесот на пристапување зависи од брзината и спроведувањето на реформите“, рече комесарката за проширување Марта Кос, на прашањето дали Комисијата има намера да го забрза процесот на проширување.

Кос вели дека „кредибилните реформи и неповратниот напредок се од суштинско значење за процесот на проширување“ и потсетува дека тоа е суштината на ревидираната Методологија за проширување усвоена во 2020 година, која продолжува да го води целиот процес.

Комесарот за проширување потсетува дека вклучувањето на Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во минатогодишниот Извештај за владеење на правото „го олеснува спроведувањето на соодветните препораки во рамките на пакетот за проширување“ и додава дека преостанатите земји кандидати ќе бидат вклучени во Извештајот за владеењето на правото кога ќе бидат подготвени.

Кос не одговори директно на прашањето на Фурлас за постоењето на посебна стратегија која ќе им помогне на земјите кандидати да се подготват за воведување на еврото во иднина. Таа наведува дека „искористувањето на придобивките од членството во ЕУ бара темелна подготовка и воспоставување соодветни заштитни мерки против назадување во реформскиот процес.

„Искуството од проширувањето на ЕУ во 2004 година го покажува позитивното влијание што членството во единствениот пазар на ЕУ и структурните фондови го имаат врз економската конвергенција. Забрзувањето на социо-економската конвергенција пред пристапувањето се спроведува преку наменски инструменти како што е Планот за раст за Западен Балкан или договори за асоцијација, вклучително и длабоки и сеопфатни зони за слободна трговија (DCFTA) со Украина, Молдавија и Грузија“, рече Кос.

Слични содржини