ЕК обезбедува 50 милиони евра за Македонија за продолжување на реформите

од Nikola Popovski
242 прегледи

Европската комисија објави дека обезбедила заем од 50 милиони евра за Македонија за справување со економските последици од неодамнешната енергетска криза предизвикана од руската инвазија на Украина.

-Заемот ќе ја поддржи макроекономската стабилност и ќе обезбеди понатамошни реформи поврзани со програмата на Меѓународниот монетарен фонд за Северна Македонија. На тој начин земјата ќе добие поддршка да напредува на патот кон ЕУ, се наведува во соопштението.

Според ЕК, Македонија ги исполнила политичките обврски договорени со ЕУ за доделување на оваа поддршка.

-Земјата постигна напредок со формирањето на независен фискален совет за буџетот и со подобрување на управувањето со буџетските инвестиции. За зголемување на буџетските приходи, земјата усвои мерки за проширување на даночната основа. Владата исто така направи дополнителен напредок за олеснување на економијата и презема мерки за енергетска ефикасност и го зајакна судството со нова стратегија за реформи во правосудството, се додава во соопштението.

Од Комисијата појаснуваат дека со продолжување на реформите се предвидува Скопје да добие уште 50 милиони евра по оваа програма. Од 2020 година, ЕУ ѝ исплатила на Македонија околу 210 милиони евра, вклучувајќи ја и сумата објавена денеска.

Слични содржини