Европската унија внимателно ги следи настаните во Република Македонија и ги охрабрува политичките лидери да продолжат со дијалогот и покрај тоа што првите две средби на водечката четворка во земјата не вродија со плод. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, порача и дека е важно што вчерашните протести на опозициската СДСМ минале без инциденти.

– Европската унија ги следи настаните во земјата внимателно, како и вчерашните демонстрации што се одржаа во Скопје. Важно е луѓето да можат слободно да ги искажат своите ставови. Вчера, тоа е направено на мирен начин. ЕУ ја нагласува важноста од конструктивен дијалог меѓу политичките лидери, како што беше на средбата што се одржа во четвртокот и која даде обединета поддршка на демократските вредности. Ние ги охрабруваме лидерите да продолжат со овој дијалог – порача портпаролката Коцијанчич во изјава за МИА.
Во текот на утрешнио ден, еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, во Стразбур ќе се сретне со претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, како и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со цел да се обиде да ги помири политичкит епротивници во цел надминување на политичката ситуација во земјата.
За оваа задача, Хан вечерва беше охрабрен и од министрите за надворешни рбаоти на земјите-членки на ЕУ, кои во рамки на Советот за надворешни работи на Унијата одржаа кус состанок и за политичко-безбедносната ситуација во Македонија и се договорија подетално да се навратат на ова прашање во јуни./ МИА