Европската комисија одговори на најавата на рускиот претседател Владимир Путин за еднострано 30-часовно примирје за Велигден.
– Москва може веднаш да ја прекине војната ако сака. Русија има репутација на агресор, затоа прво треба да видиме вистински прекин на агресијата и јасни дејствија за да се обезбеди траен прекин на огнот – изјави портпаролката на Европската комисија Анита Гипер.
Објавувањето на „велигденското примирје“ отиде во полза на рускиот лидер Владимир Путин, овозможувајќи му да постигне лесна дипломатска победа без ништо да ризикува, пишува „Wall Street Journal“.
Путин го објави велигденскиот прекин на огнот во Украина, еден ден откако администрацијата на Доналд Трамп се закани дека ќе ги напушти преговорите за постигнување прекин на огнот во Украина доколку наскоро не се постигне напредок.
– Краткорочниот предлог за прекин на огнот беше лесна дипломатска победа за Путин, обид да се спречат САД да го напуштат конфликтот и начин да се позиционира како лидер кој сака мир пред се друго – наведува „WSJ“.
Како што истакна Татјана Станова, виш научен соработник во Евроазискиот центар Карнеги во Париз, прогласувањето прекин на огнот за толку краток временски период „не создава никакви ризици, туку оди во полза како личност која искрено сака мир“.
Во исто време, пишува весникот, изјавата на Путин сигнализирала можно повлекување од неговото барање да се решат „основните причини“ на војната пред да се согласат на пауза во непријателствата.