„Екатимерини“: Грција денес ќе изрази загриженост бидејќи Силјановска и министрите од Владата не користат „Северна“

од Nikola Popovski
153 прегледи

„Се очекува Грција да изрази загриженост во врска со неуспехот на Северна Македонија целосно да го спроведе Преспанскиот договор од 2018 година за време на разговорите во Атина во среда меѓу министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски“ – вака објави денеска грчки „Екатимерини“ во пресрет во средбата меѓу двајцата шефови на дипломатија во главниот грчки град.

Според „Екатимерини“, средбата се случува во услови на зголемен притисок од ЕУ врз Македонија да ги почитува обврските поврзани со процесот на пристапување.

-И покрај неодамнешните случаи на соработка – вклучувајќи го и третманот на Грција кон повредените граѓани по смртоносниот пожар во ноќен клуб во Кочани и заедничките операции за гаснење пожари – Атина изрази загриженост поради зголемената употреба на името „Македонија“ без уставниот префикс „Северна“ од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министрите од владејачката националистичка партија, ВМРО-ДПМНЕ, стои во текстот на грчкиот медиум.

Грчките претставници наводно се исто така загрижени за изоставувањето на „Северна“ во јавниот дискурс и државните институции, вклучително и спортските федерации.

-Силјановска-Давкова изјави дека доколку Преспанскиот договор навистина и користел на нејзината земја, таа веќе ќе била членка на ЕУ. Таа и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека понатамошниот напредок е попречен од неуспехот на Грција да ратификува три билатерални меморандуми поврзани со Договорот, порачуваат од „Екатимерини“.

Во фокусот на денешните разговори меѓу двајцата министри се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување. Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници.

По средбата, предвидена е изјава за медиумите.

Слични содржини