Еко-свест: Државата има правни механизми за раскинување на концесиите за мали хидроцентрали во Маврово

од Nikola Popovski

Државата има правни механизми како да ги раскине договорите за концесиите за малите хидроцентрали кои се изградени во Националниот парк Маврово и со тоа да го запре понатамошните штети врз природата и врз локалните заедници. На терен треба внимателно да се утврди целокупната состојба со овие хидроцентрали од што може да зависи и кој од расположливите правни пристапи може да бидат применети, порачуваат од „Еко-свест“.

-За разлика од финансиските последици кои треба прецизно да се утврдат, она што досега добро се познати последиците по животната средина, екосистемот и заедниците кои живеат во заштитеното подрачјe се дека пределите, природата и луѓето трпат од намаленото ниво на водата и од градежните активности со кои се градеа централите, при што се пробиваа патишта во длабоките шуми и се градеше во недопрена природа. На овој начин се доведуваат во опасност самите вредности поради кои Маврово е национален парк, изјави Ѓорѓи Митревски, раководител на програмата за заштита на водите на Еко-свест.

За да не се повторуваат овие грешки, како што рече, во анализа се предлага измена и дополнување на законите за животна средина, за природата и за водите со интервенции со кои ќе се осигура дека нема повеќе да се доделуваат концесии за изградба на малите хидроцентрали и слични проекти во рамки на заштитени подрачја.

Како што велат од Еко-свест, анализата на целокупната легислатива која ги регулира и допира издавањето на концесии за изградба на мали хидроцентрали која ја изработи проф. д-р Игор Камбовски утврди дека штетата е направена уште многу порано пред да бидат издадени дозволите и потпишани договорите за трите централи на реките Рибничка и Жировница кои течат во националниот парк.

-Штетата се состои во тоа што законодавството не предвидува никакви посебни услови или забрана за изградба на вакви капацитети во заштитени подрачја. Поточно, дали се бара концесија за хидроцентрала во национален парк или на било кое друго место во државата, постапката и условите се исти иако последиците по животната средина се многу различни, велат од Еко-свест.

-Доколку државата планира да остане доследна на Бернската конвенција која ја потпишала и е меѓународен правно обврзувачки инструмент и на нејзините препораки за Македонија, треба да ги суспендира и откаже одобрените концесии, како и оние планирани за изградба и да спроведе забрана за хидроцентрали (големи, средни и мали) во национални паркови, заштитени подрачја, локалитети со статус на светско наследство и други кандидати за Емералд локалитети (потенцијални идни Натура 2000 локалитети). Тоа значи дека во претстојниот период овие концесии ќе треба да се повлечат, посочуваат од Еко-свест.

Слични содржини