Еко-свест: Природата не ни е за распродажба, бизнис интересите се ставаат пред јавниот интерес

од Vladimir Zorba
148 прегледи

„Природата во нашата земја не се зачувува вистински бидејќи власта гледа на заштитените подрачја како на ресурс кој треба да се искористи, а не да се заштити за следните генерации. Загрижени сме бидејќи бизнис интересите се ставаат пред јавниот интерес!“, се вели во соопштението на Еко свест.

„Во изминатиот период државата поттикна заштита на природата преку прогласувањето на нови заштитени подрачја, изготвување на нови студии за валоризација на вредностите како и нови планови за управување на заштитените подрачја. Тоа е за поздрав и претставува напредок. Заштитените подрачја изобилуваат со уникатни природни богатства и се дом на ретки и ендемични животински и растителни видови. Природата е и извор на чиста вода, воздух и храна за сите луѓе и е важен дел од животот на локалните заедници, поврзана е со културата и традицијата.

Но, државните институции не се „на иста линија“ , а на тоа укажува тоа што прогласуваат подрачја за заштита и истовремено планираат инфраструктурни проекти на нивната територија кои неминовно значат нивно уништување.

Повеќе примери кои ја покажуваат тенденцијата да се распродаде нашата природа:

1. Планови за фотоволтаични електрани на подрачјето на Долна Брегалница, Емералд подрачје под заштита на Бернската конвенција и идно Натура2000 согласно Европските директиви.

2. Одлука за проширување на локален пат и изградба на граничен премин со Република Косово на подрачјето Луково Поле во Националниот парк Маврово, додека паркот се уште не е прогласен согласно закон и нема утврдени зони за заштита и план за управување.

3. Најави за изградба и проширување на ски-центри во националните паркови Маврово и Шар Планина, во период кога Маврово сѐ уште не е ре-прогласен и нема утврдени зони и план за управување, а Шар Планина нема одобрен план за управување.

4. Повторни барања за изградба на мали хидроцентрали во НП Шар Планина, во период кога Паркот чека усвојување на планот за управување со кој се забранува ваква активност на неговата територија,

5. Доделување на градежни дозволи и нелегални градби во НП Маврово додека Паркот се уште не е ре-прогласен и нема утврдени зони и план за управување,

6. Проект за изградба на ветерни паркови на Бистра на висина од 2100 метри, веднаш до границата на НП Маврово, на карстен предел кој обезбедува вода за пиење за над 150000 жители.

7. Изградба на ветерен парк Рамно во општина Старо Нагоричане во близина на Емералд подрачјето „Пчиња- Герман“, Значајно подрачје за птици (ЗПП) и Клучно подрачје на биодиверзитет (КПБ)- „Река Пчиња- река Петрошница- река Крива Река“.

8. План за изградба на хидроелектрична централа „Чебрен“ на територијата на заштитено подрачје Скочивирска клисура и локалитетот Мариово кое е Емералд подрачје заштитено според Бернската Конвенција и идно Натура2000 подрачје согласно Европските директиви, Значајно подрачје за птици, Значајно растително подрачје и Клучно подрачје за пеперутки.

9. Проект за изградба на фотоволтаични електрани на подрачје со халофитни (солени) почви во Овче Поле, идно Натура2000 подрачје согласно Европски директиви.

Дополнително, НП Маврово веќе 11 години чека на репрогласување и донесување на нов план за управување. Процесот се закочи поради „кроењето“ на зоните за да на сметка на природата се реализираат двата хидропроекти Бошков Мост и Луково Поле, а потоа и се доделија бројни концесии за мали хидроцентрали во забранети зони. Поради доделените концесии долги години немаше придвижување на постапката и Паркот работи без закон и план.

НП Галичица неодамна се огласи со информација дека се вршат притисоци за вработување на шумски инженер и покрај тоа што Паркот повеќе не се бави со сеча на дрво. Галичица е пример за самофинансирање преку екосистемски услуги, но добива поддршка исклучиво од меѓународни донатори, а не од државниот буџет, како што е пропишано во законот.

НП Шар Планина функционира без план за управување кој од септември минатата година не се одобрува и го оневозможува Паркот да ја врши својата дејност. Во меѓувреме, се вршат притисоци за издавање позитивно мислење за хидроцентрали и ски центри, а се објави и информација за планот за изградба на регионален пат и тунел низ паркот.

Националните паркови и заштитените подрачја ниту се финансираат од државата, ниту имаат соодветни одржливи и ефикасни модели на финансирање и управување. Исклучок од ова правило е новиот национален парк Шар Планина кој за прв пат доби средства за работа од националниот буџет.

Само 14% од територијата на нашата држава е под заштита. Инфраструктурните проекти можат да се изградат и онаму каде нема природни вредности и реткости.

Еко-свест порачува: Нашата природа не е на распродажба! Повикуваме на укинување на сите инфраструктурни активности со неповратно или штетно влијание врз природата. Истовремено, бараме сериозност и посветеност од страна на институциите во исполнување на нашите и меѓународните закони за заштита на природата и заштита на јавниот интерес на граѓаните“, додаваат оттаму.

Слични содржини