„Еко-свест“ со отворено писмо до Мицкоски: Изградбата на „Бошков мост“ го загрозува опстанокот на Балканскиот рис

„Трошоците за изградба, во споредба со минималното производство на електрична енергија и огромната штета врз екосистемот, го прават проектот чиста загуба“, порачаа од „Еко-свест“ по најавата за изградбата на хидроцентралата

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Еко-свест

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ вели дека со огромна загриженост ја примиле најавата за можно реактивирање на проектот за хидроцентралата „Бошков мост“.  Оттаму велат дека проектот произлегува од застарен концепт кој одамна ја загуби својата легитимност поради следниве клучни причини:

-Прекршување на меѓународните обврски (Бернска конвенција)

Република Македонија како потписник на Бернската конвенција има обврска да ги почитува препораките на Комитетот за зачувување на дивите видови и живеалишта. Во случајот со Маврово, Комитетот уште во 2015 година укажа дека изградбата на „Бошков мост“ директно ја загрозува репродуктивната средина и опстанокот на Балканскиот рис, критично загрозен вид кој го има своето последно прибежиште токму на оваа локација. Комитетот јасно повика на стопирање на сите хидроенергетски проекти во рамки на паркот. Дополнително, Бернскиот комитет во 2025 година констатираше дека не е постигнат значаен напредок во исполнувањето на препораките, вклучувајќи го и откажувањето на сите концесии и итното репрогласување на паркот согласно меѓународните стандарди.

-Економска неисплатливост и неодржливост

Студиите на независни експерти и меѓународните финансиски институции веќе покажаа дека овој проект е економски неоправдан. Трошоците за изградба, во споредба со минималното производство на електрична енергија и огромната штета врз екосистемот, го прават проектот чиста загуба. Во време кога соларната и ветерната енергија се поефикасни и поекономични, инвестицијата „Бошков мост“ би значела чекор назад во енергетската политика.

Од „Еко-свест“ преку отворено писмо велат дека до Владата упатиле конкретни барања за итно спроведување на препораките на Бернската конвенција и отфрлање на сите планови за хидроенергија во заштитените подрачја и итно репрогласување на НП Маврово, кое ќе оневозможи идна деградација на паркот.

-Долгогодишното одложување на репрогласувањето на Националниот парк Маврово создаде правна празнина, која директно овозможува реализација на штетни инфраструктурни и градежни проекти во срцето на паркот. Наместо исклучок, ваквите интервенции станаа практика што постепено го разградува интегритетот на едно од највредните природни подрачја во државата.

Репрогласувањето на Маврово не е административна формалност, туку единствениот механизам за воспоставување јасна, обврзувачка рамка за заштита, усогласена со IUCN стандардите и меѓународните обврски на државата. Само со нов закон за НП Маврово може конечно да се стави крај на практиката на ад-хок одлуки, притисоци и проекти кои го жртвуваат јавниот интерес и природното наследство за краткорочни цели.

Истовремено, репрогласувањето ќе воспостави рамка за одржлив развој и економска сигурност на локалното население, преку поддршката на одржлив туризам, традиционални дејности и зелени економски активности, посочуваат од Центарот.

Според нив, секое понатамошно одложување на репрогласувањето значи продолжување на деградацијата на Маврово и преземање свесен ризик за едно од највредните природни подрачја во државата.

-Почитуван Претседателе на Владата, Ве повикуваме да покажете лидерство базирано на наука и јавен интерес, а не од застарени енергетски политики и идеи. Природата на Република Македонија не е ресурс за краткорочен профит, туку наследство кое сме должни да го зачуваме за идните генерации, стои во писмото на „Еко-свест“ упатено до премиерот Христијан Мицкоски.