Еко-Свест: Сонцето е новиот крал на електричната енергија

од Берта Китинска
295 прегледи

Економските фактори, на глобално ниво, веќе зборуваат во прилог на исфрлањето на јагленот од употреба. Термоцентралите се затвораат, а се отвораат соларни централи. Вработените, се преквалификуваат и прават трансфер од едната во другата сфера. Тоа значи дека нема да се изгубат  работните места. На овој начин, во блиска иднина ќе доминира производството на енергија од обновливи извори, со што има надеж планетата Земја да ја заштитиме од загадувањето кое фосилните горива го направија во изминатите децении.

– Во Австрија, оваа пролет е затворена последната од многуте термоелектрани на јаглен. Во јуни годинава, Шпанија затвори половина од термоелектраните на јаглен во земјата. Дури 1/3 од вкупните инсталирани енергетски капацитети во Шпанија се соларни електрани. Се надеваме дека тоа ќе стане и наша реалност во годините што доаѓаат. Сончевата енергија се предвидува да биде новата кралица на електричната енергија. Со развојот на технологијата и механизмите за поддршка, се намалуваат трошоците за финансирање на големите соларни PV проекти, така што многу земји потврдуваат дека соларните проекти се поевтини од градење на нови термоцентрали на јаглен и гас, велат од Еко-Свест.

Две петини од светските термоцентрали на јаглен веќе се во загуба поради високите трошоци за гориво, открива истражувањето на влијателниот тинк тенк Carbon Tracker.

Глобалната анализа се базира на профитабилноста на 6.685 термоцентрали на јаглен во светот.  Заклучокот е дека 42% од термоцентралите на јаглен се непрофитабилни, а до 2040 година би можело да бидат 72%, имајќи во предвид дека постоечките цени на јаглеродните емисии и прописите за загадувањето ги зголемуваат трошоците, додека цената на ветерните централи на копно и соларните електрани и натаму паѓа.

– Во еден од извештаите на истражувачката мрежа CEE Bankwatch се наведува дека вкупните емисии на сулфур диоксид (СО2) од термоелектраните на јаглен во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Македонија во 2018 година биле шестпати поголеми од дозволеното. Земјите од Западен Балкан се потписнички на Договорот за енергетска заедница, кој предвидува намалување на загадувањето во индустријата, од кои првиот требаше да се спроведен до 2018 година. Истражувањето покажува дека земјите не само што не се придржуваат до преземените обврски туку и дека е влошено нивото на загадување на воздухот, појаснуваат од Еко-Свест.

Со оглед на штетноста по здравјето на луѓето предизвикано од загадувањето на воздухот, инвестициите во намалување на емисиите или затворање на термоелектраните не е само прашање на правна туку и на морална обврска.

Еко-Свест работи на забрзување на енергетската транзиција заради ублажување на климатските промени преку проектот „Промовирање на енергетска транзиција во С. Македонија” финансиски поддржан од CEE Bankwatch Network, како и во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени”, спроведуван од Еко-Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, финансиран од Европска Унија.

Слични содржини