Водите во близина на плажата во Камчатка на крајниот исток на Русија се загадени од истекување на токсичен материјал од цистерни, според првичните извештаи на руската служба за животна средина, пишува Танјуг.
Товарен танкер е отстранет од местото каде што се случил инцидентот, но водата сè уште е загадена, се вели во извештајот од Русија.
Сопственоста на бродот сè уште не е утврдена, изјави за агенцијата ТАСС денес извор од службата за итна интервенција.
– Прелиминарните извештаи велат дека имало истекување од цистерната, кое било отстрането, но нафтата се излеа покрај брегот и плажата во Камчатка. Фенолот е исто така токсична супстанција. Истрагата е во тек, намерата е да се утврди кој е одговорен за загадувањето. Таа рута е популарна за товарни бродови во Пацификот – рече изворот.
Извештаите од руските служби исто така велат дека поголема количина токсичен фенол и масло е пронајдена веднаш до крајбрежјето, на местото каде што се наоѓа плажата Халактурски, популарно место за локалното население.
Сведоците рекоа дека многу мртви морски животни се појавиле на бреговите.
Исто така, фенол и нафта се идентификувани во три други области во регионот Камчатка.
Фенолот е отровна супстанца која предизвикува вртоглавица, малаксаност, дијареја, несоница кај луѓето и може да предизвика заболувања на црниот дроб и бубрезите, па дури и смрт, ако е во поголеми дози.