„Нашите возила го чистат Вашингтон, Лондон, пред две недели продадовме возило на кралскиот дворец. Не знаевме, но видовте дека наше возило ја чисти Белата куќа пред номинацијата на новиот американски претседател Џо Бајден. Така се погоди, не го знаевме тоа, но го видовме во американските весници“, изјави Кочо Анѓушев, сопственик на велешката компанија „Брако“, при денешната посета на премиерот Зоран Заев токму на оваа фирма во Велес.
Брако го презентираше првото возило на водороден погон во Европа и станува збор за еколошка машина за чистење на улици и јавни површини.
„Станува збор за прво во свет водородно возило, возило на водороден погон, на хидрогенски погон, наменето за чистење на улици од оваа големина. Тоа е тука развиено, произведено и е дело на инженерите во ‘Брако’. Отприлика 60-тина се на број, а меѓу нив има и тројца што студирале на светски универзитети и дојдоа тука да работат и да ни помогнат во нашиот развој. Тоа е за нас посебна гордост и чест. Возилото ги помина сите тестови. Досега две комерцијални возила се продадени, едно во Амстердам, едно во Утрехт и веќе ја извршуваат својата функција“, рече Анѓушев.
Тој потсети на начинот на развој на индустријата и начинот на извезување на производи, за да не „извезуваме“ како што рече тој деца:
„Единствен начин за развој на инустријата е да се произведуваат производи со поголема додадена вредност, тие производи да бидат извозно ориентирани, да бидат за целиот свет и конкурентни, тоа е единствениот начин за растот на економијата и индустријата“, нагласи Анѓушев.
Излезот од кризата Анѓушев го гледа во агресивно инвестирање, следење на најновите технологии во светот и да купување најнови машини. „Брако“ минатата година инвестирале 8 милиони евра во овие машини за рекострукција на старите хали и нова технологија.