„Економијата е работни места и развој, не само бројки“ – Гордана Димитриеска – Кочоска за првата година на Министерството за финансии

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска денеска на прес-конференција ги презентираше главните резултати од првата година од своето работење, потенцирајќи дека економијата за нив не е само бројки и статистички податоци, туку пред сѐ создавање услови за развој, работни места и стабилни плати.

од desk4
58 прегледи

„Во првата година покажавме дека знаеме и можеме, но нашата работа не завршува тука – ова е само почеток“, истакна министерката, додавајќи дека владата презела одговорност во време на големи предизвици и ограничени ресурси.

Еден од главните предизвици бил стабилизирањето на јавните финансии, со цел намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, кои порано беа на загрижувачко ниво. Со ребалансот на буџетот за 2024 година, обезбедена е ликвидност за навремена исплата на плати, пензии и доспеани обврски, како и повеќе средства за здравство, образование, стопанство и капитални проекти.

Димитриеска – Кочоска нагласи дека економскиот раст во изминатата година бил стабилен и диверзифициран, достигнувајќи 2,8 проценти, над проекциите. Истовремено, преку Развојната банка се обезбедени 250 милиони евра за поддршка на приватниот сектор, со што е активиран инвестициски циклус вреден 300 милиони евра.

За првпат во буџетот е обезбедена директна поддршка за општините од 250 милиони евра, наменета за инфраструктура, енергетска ефикасност и јавни услуги, што е дел од концептот за рамномерен развој.

Министерката посочи и историски висок прилив на странски директни инвестиции во 2024 година, над 1,2 милијарди евра, како и намалување на царинските стапки за стоки и либерализација на увозот од САД, што ги зајакнува економските врски и конкурентноста.

Дополнително, во тек е имплементацијата на нов Закон за буџети и фискална стратегија до 2030 година, со кои се поставуваат јасни рамки за одговорно и транспарентно управување со јавните финансии.

Димитриеска – Кочоска истакна дека просечната плата во земјата пораснала над 10%, додека пензиите бележат редовно зголемување. Остварени се и значајни подобрувања во административните реформи, јавните набавки и усогласување со европските стандарди.

„Ќе продолжиме да работиме разумно и транспарентно, за да ја изградиме Македонија како земја со силни институции и стабилна економија“, порача министерката на крајот од годишниот отчет.