Економист: Хрватските финансии се како авион на автопилот

Економскиот аналитичар Дамир Новотни ја оцени состојбата на хрватските јавни финансии како стабилна, но без вистинска реформска насока, споредувајќи ја фискалната политика со „голем авион на автопилот“.

од desk4
15 прегледи Фото: Фејсбук/Влада на Хрватска

Во изјава за Н1, Новотни истакна дека стабилноста во голема мера е резултат на инфлацијата, додека начинот на трошење на јавните пари останува непроменет со години.

„Состојбата на финансиите е добра, а во тоа помогна инфлацијата. Ние економистите зборуваме за инфлациски данок, бидејќи од него најмногу профитира државниот буџет. Пари има, тие се слеваат во државната каса и се трошат според политички рамки“, рече Новотни. Тој појасни дека рамките на потрошувачката се одредени со маастрихтските критериуми, според кои растот на јавниот долг не смее да надмине три проценти, услов што Хрватска моментално го исполнува.

Според него, хрватските финансии биле уредени уште во периодот на поранешниот министер Здравко Мариќ, а инфлацијата дополнително ја олеснила состојбата. Сепак, како што нагласува, структурниот проблем и понатаму останува истиот начин на распределба на средствата. „Парите се трошат според критериуми поставени пред 20 години – по малку за секого, за патишта, јавни работи, а средства доаѓаат и од Националниот план за закрепнување и отпорност. Тоа е како авион на автопилот, без многу маневарски простор и без волја за сериозни реформи“, оцени тој.

Новотни се осврна и на работата на поранешниот министер за финансии Марко Приморац, која ја оцени како неутрална. Според него, иако Приморац како универзитетски професор се залагал за одредени даночни политики, како данок на имот, со влезот во владата станал повеќе политичар отколку научник. Тој додаде дека данокот на недвижности во економијата се смета за „најмалку лош“, бидејќи е праведен и ги опфаќа оние со вишок имот, но оти не биле направени посериозни чекори во таа насока.

Аналитичарот потсети дека фискалната политика е во надлежност на националните влади и изрази изненадување од честата практика на создавање буџетски дефицити. Како што рече, само поранешниот министер Здравко Мариќ успеал една година да оствари буџетски суфицит, додека во останатите години буџетот бил во минус.

Говорејќи за очекуваниот нов министер за финансии Томислав Ќориќ, Новотни не очекува значајни промени или реформски зафати. Според него, постојната политика најверојатно ќе продолжи. „Не верувам дека Ќориќ ќе експериментира со фискалната политика. Таа ќе остане во ист правец“, изјави Новотни, предупредувајќи дека ваквиот пристап долгорочно нема да биде одржлив, иако моментално состојбата изгледа релативно поволна.