Економистите и работодавачите согласни: Минималната плата не може да се зголеми повеќе од пресметките на формулата

од Vladimir Zorba
736 прегледи

Свесни за реакциите на јавноста дека и следното зголемување на минималната плата, кое треба да се реализира во март, во актуелните услови нема да биде доволно, економистите порачуваат дека евентуални отстапувања во моментов не се можни.

Според Благица Петрески од Finance Think, ваквите барања се разбирливи и очекувани, но треба да бидеме свесни за фактот според кој  зголемувањето единствено го овозможува формулата определена во Законот за минимална плата. Она што според неа од друга страна е извесно, е дека новата минимална плата ќе изнесува 20.100 денари – износ, кој според претходно утврдените цели треба да го одржи животниот стандард на исто ниво како и пред зголемувањето на цените.

Дали работодавачите тоа може да го издржат е легитимно прашање, особено во услови на повеќекратна криза и пораст на трошоците во работењето на бизнисите. Според она што го видов во Буџетот 2023, понатамошна субвенција на порастот на минималната плата не е предвидена“, изјави Петрески за „Локално“.

Посочува дека севкупно земено, тоа може да биде специфична ситуација во кризни околности и во услови кога последните податоци покажуваат дека вработеноста во економијата стагнира, односно дека она што го гледаме како благ пад на невработеноста е затоа што населението се пасивизира веројатно поради обесхрабрување. Оттука, како што вели, гледано макроекономски, околностите не одат во прилог на барањата за понатамошни зголемувања на минималната плата над износот предвиден со законското усогласување.

„Според пресметки на Finance Think, големиот претходен пораст на минималната плата, од 15.194 на 18.000 кога порастот на цените не беше сеуште изразен како што е сега, има мал но сепак незанемарлив удел во ценовниот раст. Клучно е очекувањата за пораст на платите да не се укотват на начин кој ќе оневозможи каматните стапки да не растат кога ќе го снема глобалниот притисок врз цените“, заклучува Петрески.

Можноста за евентуално понатамашно зголемување на минималната плата надвор од формулата определена со Законот ја отфрлааат и во Организацијата на работодавачи. На реакциите дека таа е неколкукратно помала во однос на износот во  поголемиот дел од европските држави, одговараат дека приближувањето на нашиот минималец до европскиот ќе се случи само ако се доближи нашиот БДП по жител до европскиот.

„Секоја друга споредба со номиналниот износ на европскиот минималец со нашиот не е оправдано затоа што платите, а со тоа и минималната плата, мора да одговараат на остварената продуктивност во земјата. Затоа и Европскиот парламент по долги дискусии не се одлучи да донесе една минимална плата за цела Европа, туку минималната плата ја поврза со просечната плата во одделна земја, бидејки беше свесна за разликите во економската развиеност на земјите членки“, изјави за „Локално“, Ангел Димитров.

Како друг аспект на целата ситуација тој и овој пат ја посочува можноста од појава на ураниловка.Во оваа насока ги наведува статистичките податоци според кои минималната плата ќе биде повеќе од 50% во однос на просечната, што е ниво кое европската унија го утврди со директива во текот на 2022 година.

Оттука, предупредува дека ваквиот голем износ на минималната плата во однос на просечната може да доведе до ураниловка и збивање на се поголем број на работници до минималната.

„Ова особено се почувствува при зголемувањето на минималната плата на 18.000 или 62% во однос на просечната што доведе до ситуација кога во целиот јавен сектор и и кај голем број на компании во приватниот сектор, да не се усогласи порастот и на повисоките плати, туку само на минималната“, категоричен е Димитров.

Во однос на можноста да не продолжи мерката која предвидува помош за исплата на минимална плата од 1197 денари по работник, во Организацијата на работодавачи посочуваат дека  и досегашната, според изјавите на вицепремиерот за економски прашања е реализирана само со 13% во однос на планираната.

Ова, според Димитров, е согласно нивните очекувања  бидејки  нејзиниот концепт не бил применлив за поголемиот број на работници. Во оваа насока тој посочува два аргументи: Помошта, како што вели, не може  да биде само за работниците кои земаат до 18.00 денари, кога согласно ОКД на секој работник му следува и надомест за стаж во висина од 0,5% од година на стаж и овој износ не влегува во минималната плата. Како втора причина за нереализирање на оваа помош го наведува  Законот за субвенционирање на порастот на платите повисоки од минималната, кој беше поприменлив за компаниите и работниците.Оттука, според него, со престанокот на важност на овој закон со Октомври 2022 година неопходно е да се донесе нов таков закон кој ке го стимулира растот на платите кои се повисоки од минималната.

Спротивно на пресметките на синдикатите и на дел од економистите Организацијата на работодавачи  излезе со своја пресметка на минималната плата .Вкупниот износ според нив, треба да изнесува 19.500 денари. Математиката на синдикатите пак покажува дека минималната плата треба да биде 20.700 денари.

К.В.С.

Слични содржини