Екс-пратеничка: На плата од 120.000 денари да се жалиш дека си во зијан со патарина од 4500 е потценување на интелигенцијата на народот

од Nikola Popovski
2,5K прегледи

Од Прилеп до Скопје дневен трошок исплатен на пратеник во вредност од 4500 денари, било малку, па биле во зијан!? Па со тие пари со авион до Виена ќе одиш и ќе се вратиш со Wizzair. На плата од 120000 денари, да се жалиш дека си во зијан со патарина од 4500 денари е потценување на интелигенцијата на народот, објави поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Дамчевска-Илиевска за привилегиите и примањата на актуелните народни избраници.

Таа е децидна дека да се биде пратеник, треба да е чест и посебна одговорност и апелира дека не треба да биде ќар или печалба.

-Како пратеници од Скопје не сме земале патарини, а платите ни беа 60 000 денари и никој не се пожали. Напротив, сами сме си обезбедувале превоз и до работа и низ цела ИЕ која многу често ја поминувавме на средби со граѓаните. Имавме канцеларии каде секој граѓанин од нашата ИЕ можеше да се сретне со нас секој петок. Разни предлози и иницијативи од таа канцеларија произлегоа и се решаваа. Сега немам со очи видено пратеник на терен, само на ФБ слики од приредби во сенката на Градоначалниците. Нема канцеларија на пратеник, се укина, како можна “закана” по позицијата на локалниот вожд, објави меѓу другото Дамчевска Илиевска на социјалните мрежи.

Ваквата нејзина реакција следува по изјавите на пратеникот од Прилеп, Петар Ристески кој соопшти дека добива по 4500 денари за патни трошоци при секое доаѓање во Собранието, при што троши 3000 денари колку што го чини горивото и плаќањето патарини.

Има закон по кој се исплаќаат патни трошоци како и за секој работник што оди на работно место и зема плата. Ние сме назначени функционери со мандат од четири години. За да дојдеш на работа во Скопје, ти се исплаќаат патни трошоци – јас тоа не сум го измислил, тоа е закон од претходно. Не се работи за баснословни суми. Едно доаѓање од Прилеп мене ме чини околу 3000 денари со возило и патарини – одење и враќање, а Собранието ни исплаќа околу 4500 денари во зависност од тоа колку е цената на горивото. Ставете тука ако еден нормален возач, сопственик на автомобил, менува гуми на неколку години, ние менуваме двапати годишно. Трошоци има многу и јас би сакал за мене, но, ви кажувам дека јас сум зијан бидејќи возам автомобил кој го купив 35 илјади евра. Сега да го продадам, за две години 140 илјади километри, дали ќе го продадам за 15 илјади евра…Ова е дефокус на партијата Левица. Сите доаѓаме од градови каде што сме луѓе со авторитет. Јас имам кариера претходно, сум стоматолог, со фамилија, семејство, ме знаат во Прилеп сум авторитет долги години, рече меѓу другото Ристески во утринска емисија на телевизија.

Според податоците на ДКСК и анкетните листови на функционерите, пратеникот поседува стан во скопска Кисела Вода.

Ристески зема 4500 денари патни трошоци за секое доаѓање од Прилеп, а има стан во Кисела вода

 

Слични содржини