ЕКС со поддршка за ССМ : Минималната плата во Македонија е најниска во регионот, зголемувањето е оправдано

од Љубиша Владимиров
87 прегледи

Европската конфедерација на синдикати (ЕКС) денеска изрази поддршка за синдикатите во Северна Македонија во нивната борба за зголемување на минималната плата, нагласувајќи дека таа е најниска во регионот.

Претставниците на ЕКС на прес-конференција истакнаа дека барањата на синдикатите се целосно оправдани и најавија дека ќе ја информираат Европската комисија за состојбата, што ќе биде вклучено во извештајот за напредокот на земјата кон ЕУ.

„Социјалниот дијалог е темел на демократијата и мора да се почитува. Да се биде синдикалец е демократско право, а Владата и работодавачите не смеат да ги напаѓаат синдикатите“, изјави Теа Јарц, секретарка на ЕКС.

Јарц потенцираше дека земјите што не ги почитуваат работничките права треба да бидат повикани на одговорност, додавајќи дека Европската конфедерација ќе продолжи да следи и известува за состојбите во земјата.

ССМ бара минималната плата да се зголеми на 500 евра, а разликата во придонесите до 30.000 денари да биде субвенционирана од Владата во период од една година. Според законот, минималната плата треба да се усогласи овој месец и би се зголемила за околу 1.800 денари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, потврди дека синдикатот и во минатото бил изложен на притисоци, но останува посветен на заштитата на работничките права.

Слични содржини