Уставниот суд на Македонија денеска доби нов член. Со 63 гласа „за“, пратениците го избраа Гоце Наумовски за нов уставен судија. „Против“ гласаа седум пратеници, а немаше воздржани.
Веднаш по гласањето, Наумовски пред законодавниот дом даде свечена изјава со која се обврза дека највисокиот правен акт во државата – Уставот, ќе го штити совесно и одговорно.
Наумовски досега беше и актуелен надворешен советник за правни работи на премиерот Христијан Мицкоски. Дел од опозициските партии реагираа не е прашање за стручноста, туку дилемите за непристрасност на владејачкото мнознство што го предложи во смисла на партизација на судството, бидејќи Наумовски бил надворешен советник на премиерот и брат на ексвицепрмиерот за евроинтеграции во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Нуамовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека Наумовски не е член на партија, туку угледен професор, за разлика од последните два предлози на СДСМ за членови на Уставниот суд, кои, според владејачката партија, биле целосно партиски решенија.
Изборот на нов уставен судија, со мандат од девет години, следи откако лани во декември оставка даде судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која кажа дека се повлекува поради лични и здравствени причини.