Автоматската пушка држена во рацете на еден од виенските терористи најверојатно е произведена во фабриката за оружје во Крагуевац, изјави за „Независне новине“ Александар Радиќ, воен експерт од Белград.
Тој вели дека матната фотографија покажува елементи како што се обликот на тромболонскиот нишан и долниот дел од облогата на цевката, кои се карактеристични за оружјето произведено во оваа фабрика.
Радиќ рече дека постојат неколку начини оружјето да падне во рацете на виенските терористи. Еден начин е преку нелегална трговија, бидејќи сè уште има стотици илјади нелегално оружје во поранешна Југославија, особено во областите опфатени со војната. Радиќ нагласува дека шверцерите на таа пушка на Балканот плаќаат неколку десетици или стотици евра, а потоа ги продаваат во европските земји за повеќе од илјада евра.
Друг начин е оружјето да го купи легално трета земја, а потоа преку нелегални канали да стигне до Виена или некој друг европски град.
Третиот начин, вели тој, е преку соработка на криминални групи кои потекнуваат од Западен Балкан и сега се во земјите на ЕУ.
Радиќ нагласува дека ако се покаже дека во терористичкиот напад било користено оружје од Крагуевац, тоа не би било прв пат, бидејќи тој потсетува дека терористите во Париз користеле оружје од поранешна Југославија во нападот на списанието „Шарл Ебдо“ пред неколку години.
Претходно денес, австрискиот министер за внатрешни работи ги потврди извештаите во медиумите дека убиениот терорист е 20-годишниот Кујтим Фејзулаи со албанско потекло, чии родители се од Северна Македонија и дека тој е осуден во 2019 година за терористичко здружување и обид да замине во Сирија со други членови на Исламска држава.