Експертот за безбедност, Бедри Ељези смета дека Фатон Хајризи, бегалецот од косовскиот затвор, стигнал во Лозница со таксист по пат што го користат криминалните групи за трговија со луѓе.
Ељези изјавил за „КТВ“ дека, според извештајот на српските власти и меѓународните организации, Хајризи преминал пат што го користеле криминалци кои тргуваат со луѓе и одбил да биде легитимиран откако бил запрен.
„Според извештајот доставен до меѓународните безбедносни институции, српските власти велат дека таксистот изјавил дека требало да го однесе осомничениот од Прешево до границата со Босна. Ова е канал за трговија со луѓе. Сириските бегалци и лица од различни војни го користат овој канал за да заминат во земјите на ЕУ. Тоа е меѓународно познат канал, таа работа најмногу ја работат агенти на БИА за да се збогатат“, рекол Ељези.
Според него, оваа акција била направена без знаење на лицата кои се занимавале со тој бизнис, а таксито било сомнително и запрено бидејќи не биле свесни дека таму ќе помине. Според Ељези, Хајризи го удрил полицаецот, а потоа му го одзел пиштолот.
„Успеал да удри еден од полицајците, да му го земе оружјето, испукал девет куршуми и го напуштил местото, заканувајќи им се со пиштол во рака на присутните. Тоа е криминално дело, но нема никаква врска со тврдењата на Србија за тероризам“, додал тој.