Експерти: Има основа за кривична одговорност за објавување на класифицирани информации

од desk2
134 прегледи

Објавувањето на доверливите материјали пред јавноста може да им наштети на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Ѓорге Иванов, а не на преговарачкиот процес. Можеби Мицкоски и Иванов на лидерските средби имале позиции кои не се идентични со тие што се јавно пласирани, јави 24 Вести.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, смета дека јавно прочитаните делови од класифицираните материјали е спротивно на Законот, уште понезаконито е тоа што доаѓа од пратеник без безбедносен сертификат.

„Со еден куршум испукан од Милошоски ќе бидат загрозени повеќемина, но посебно претседателот на државата и лидерот на опозицијата. Цело време тврдат дека не прифаќаат компромис, се против ерга омнес. Ако се сложиле со друго име, а никогаш тоа јавно не го признаваат, вака ќе се открие“ – смета Трајанов.

Иванов има право на декласификација на истите документи кои претходно ги класифицирал, постапка со која може да го заштити Антонио Милошоски. Но, според експертите и со овој потег Милошоски е загрозен поради тоа што ги поседувал.

Назнаката „државна тајна“ е речиси иста со „строго доверливо“, Кривичниот законик предвидува одговорност за оддавање и за двете, вели адвокатот Јован Јоанидис.

„Затоа има ознака строго доверливо, доверливо, воена тајна, државна тајна… Сите тие различни ознаки покажуваат дека се работи за доверлив материјал и оддавањето на тие службени документи кај што се губи нивната доверливост се кривично дело“ – вели Јоанидис.

Од кабинетот на претседателот за ТВ 24 потврдија дека ги испратиле доверливите документи адресирани до Милошоски по негово писмено барање, и покрај тоа што не поседува дозвола.

Од владејачката СДСМ најавија кривична пријава до пратеникот за оддавање на државна тајна и обвинија дека ова е обид за да се наштети на преговарачкиот процес за спорот со името, а од Јавното обвинителство информираат дека не се исклучува можноста да се отвори истражна постапка по допрен глас.

Милошоски пак вели дека забраната од Џафери со која пратениците со сертификат не можат да ги прочитаат материјалите на затворена седница создава сомнеж дека власта нешто крие. Тврди дека Комисијата за надворешна политика е матично тело кое треба да има пристап до деталите од лидерските средби во јануари и мај годинава, на кои тема на разговор беа разликите околу спорот со името./24 Vesti