Разликата помеѓу вредноста на недвижностите во Грција и расположливиот доход на Грците стана значителна, предупредија експертите за недвижности на конференцијата „Продекспо 2025“ што се одржа во Атина оваа недела, објави онлајн изданието на весникот „Катимерини“.
„Бројот на грчки купувачи кои можат да си го дозволат сегашното ниво на цени значително се намали, бидејќи разликата помеѓу вредноста на недвижностите и расположливиот доход на луѓето се зголеми“, рече Лефтерис Потамијанос, претседател на Панхеленската федерација на здруженија на брокери за недвижности во Атина и Атика. Според него, оваа разлика го прави пазарот ранлив на кризи, бидејќи повеќе се потпира на побарувачката од странство за да продолжи да функционира.
Потамијанос, исто така, го истакна проблемот со долгите одложувања во финансиските трансфери, истакнувајќи дека тоа често води до ситуации каде што недвижностите вредни милијарди евра чекаат со месеци додека не се заврши нивното купување и продажба. Според Потамијанос, еден од главните проблеми на пазарот е неактивниот градежен фонд, кој, според зборовите на експертот, претставува „огромен, мртов капитал што чека да се активира“.
Коментирајќи ја ситуацијата, заменик-министерот за економија и финансии на Грција, Јоргос Коцирас, изјави: „Веќе се преземаат мерки за пласирање на нови недвижности на пазарот. Сакаме да видиме како ќе функционираат. Исто така, постои и даночно олеснување во врска со реновирањето на домовите. Веруваме дека преку низа мерки ќе придонесеме за појава на повеќе недвижности на пазарот.“
„Голем дел од грчките купувачи не можат да си дозволат да купат недвижности над 200.000 евра“, рече Костас Георгакос, извршен директор и коосновач на брокерската компанија „Прелевитс и Георгакос риел естејт“, истакнувајќи дека во последните години цените на недвижностите се зголемиле во просек од 20 до 30 проценти.
Според Панајотис Барзиотис, раководител на друга агенција, постои и позитивен тренд во развојот на пазарот – забавување на зголемувањето на цените. Според неговите зборови, „зголемувањата повеќе не се двоцифрени, како во минатото, што значи дека пазарот созреал и се движи со поголема зрелост.“