За познавачите на состојбите најавата за покачување на старосната граница за пензионирање на судиите на 67 години има многу позагрижувачки последици од оние кои се наметнуваат како првичен впечаток. Според професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии нема дилема дека станува збор за пробен балон за генерално покачување на границата за пензионирање.
Оттука, логиката е јасна, ќе се следат реакциите на ова и доколку тие не се големи, Владата ќе проба да ја покачи границата за сите.
„Аргументите кои ги даваат за ова – дека нема судии – е толку плиток, што просто и не вреди да се коментира. Ако нема судии, вработете нови. Во државата има толку невработени правници. Освен тоа, со кревањето на границата за пензионирање, вие не го решавате проблемот, само го поместувате за неколку години. Сегашните судии некогаш ќе мора да се пензионираат, не можат да работат вечно. На крајот, тој што сака да работи подолго, може и сега да го направи тоа, нема потреба да се крева границата за пензионирање на сите. Така што, јасно е дека е ова само лош изговор и дека причината е друга“, изјави Јовановиќ за „Локално“.
Категоричен е дека во моментов не треба да се размислува околу генерално покачувањето на границата за пензионирање. Главниот параметар по ова прашање според него, е вкупниот број години живот по пензионирање. Резултатите на ова поле вели се поразителни бидејќи во Македонија тоа се околу 11 години, (границата за пензионирање е 63 години во просек, а животниот век е околу 74 години).
„Ова е многу пократко од скоро сите европски земји. Во Австрија на пример, луѓето живеат околу 19 години откако ќе се пензионираат. Кога животниот век во Македонија ќе се приближи до животниот век во развиените европски земји, кога ќе дојде накај 80 години, тогаш може да размислуваме и за кревање на границата за пензионирање“, вели Јовановиќ.
Оттука според него, неопходни се јавни дебати и суштински анализи пред Владата да направи каков било чекор во оваа насока.
На потребата од премерување на сите аргументи, пред се на оние на работниците, посочува и Драги Аргировски, експерт за „трето доба“ и поранешен претседател на СЗПМ.
„Кај нас тоа сеуште не е доволно размислено, немаме стабилен пазар, сигурни цени. За да се зголеми границата за одење во пензија, треба процес кој ќе се спроведува постепено, на пример прво за 6 месеци, а не оддеднаш“, вели Аргировски.
Дополнително укажува и дека тоа не може да се направи во земји каде вработени во одредени сектори едвај преживуваат и до 62 односно 64 години.
„Треба да постои општо задоволство кај пензионерите, вработените и невработените. Каде, во вакви услови да се зголеми пензионирање на текстилци или рудари кога едвај издржуваат и до 64 год.? Тоа може да се направи на вработени во администрација но од друга страна не може да се делат вработените. Треба анализи, дискусии и да се види што е применливо“, вели Аргировски.
На вчерашниот брифинг со новинарите, директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов рече дека предлог за покачување на старосната граница за пензионирање нема да излезе од институцијата, освен ако поинаку не одлучи Владата.
Ваква можност од друга страна беше неодамна обелоденета, откако претставниците на меѓународните финансиски организации побарале да се размисли за подигнување на старосната граница од 64 на 67 за мажи и од 62 на 65 за жени.
К.В.С.