Експертите ЗА продолжување на распустот, родителите со поделени мислења за второто полугодие

од Vladimir Zorba
447 прегледи

Поради брзото ширење на сојот омикрон во земјава, се очекува надлежните да соопштат неделава дали на време ќе почне второто полугодие од учебната 2021/2022 година на кој начин ќе се одвива наставата или ќе има одложување.

Експертите велат дека второто полугодие треба да се одложи за да не дојде до зголемен притисок на здравството, воедно маските во училиштата по стивнувањето на бранот да не бидат задолжителни.

-Во моментов се силно оптеретени матичните доктори, а во помала мера и амбулантите во секундарното и терциерното здравство. Отворањето на училиштата во овој момент ќе го зголеми овој број на нови случаи и уште повеќе ќе го зголеми тој притисок, кој сега е неиздржлив. Имено, ќе се оптерети јавниот превоз, родителите или бабите и дедовците ќе треба да ги однесат помалите деца на училиште, децата посетуваат продавници итн. Времето е многу студено, проветрувањето е скоро невозможно, а има проблем и со затоплувањето. Во оваа криза, отворањето на училиштата ќе ја оптерети и енергетската криза. Да не зборуваме дека бесплатното тестирањето со ПЦР на десетици нови случаи со респиратопрни инфекции, настинки, грип, ковид ќе биде невозможно. За две недели омикрон сојот ќе го истисне поопасниот делта сој, објаснува за „Локално“ др.Никола Пановски.

Тој дополнува дека кога ќе почнат учениците со физичко присуство и бранот почне да се спушта, маската да не биде задолжителна.

Родителите со поделени мислења за второто полугодие

Движењето „Поддршка за онлајн настава“ произлезено од Фејсбук група која брои 15 илјади членови побара второто полугодие од учебната 2021/22 да почне со онлајн настава.

Ние не сме способни да имаме комбирнирана, не сме способни да имаме ни со физичко присуство настава, затоа што децата во една училница со 30-40 метри квадратни го пренесуваат вирусот многу брзо. Шансата за заразување е многу голема. Ги фрламе во оган не само децата, туку и нивните родители, бабите, дедовците, цели семејства, изјави Ана Глигорова, претставник на движењето „Поддршка за онлајн настава”.

Правото на образование, наведе таа, е загарантирано со Уставот, а дел од законите се грубо прекршени.

Во моментов имаме нагорна линија на позитивни лица на корона вирусот, па сметаме дека нема услови за настава со физичко присуство во тесни училници, непочитување на протоколи, нетестирање на ученици и персонал, отворени прозорци во зимски услови, поради што за кратко време ќе се доведат во смртна опасност голем број на семејства, велат од Движењето „Поддршка за онлајн настава”.

Друга група бара во училиште на децата да им биде дозволено наставата да ја следат без маски.

Од иницијативата „СТОП за носењето маски во училиште“ во која членуваат 12.000 лица велат дека Македонија нема капацитет за целосна онлајн настава и дека огромен број на родители се согласни да не ги пуштат децата на училиште со маски.Тие информираат дека имаат доставено барање до Министерството за здравство и до Владата, да се сменат протоколите за следење на наставата.

Од Министерството за образование велат дека насоките и препораките за одвивање на наставата во училиштата ги дава Комисијата за заразни болести.

Оттаму потсетија дека уште летото се испланирани три сценарија за реализација на учебната година и дека првото и најпосакувано – настава со физичко присуство се применува се додека се во ред бројките на заразени и додека нема интерно ширење на болеста во училиштата.

-Покажавме дека во првото полугодие учениците успешно следеа настава со физичко присуство, немаше поголем број заразени од 0,2 проценти вкупно активни на целата територија на државата од 255 илјади ученици со физичко присуство, а на дневно ниво немаше поголем процент од 0,03. Тоа укажуваше на стабилност на состојбата и затоа успешно го завршивме првото полугодие, се уште сме во координација со комисијата за почетокот на второто полугодие училиштата треба да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат , кажа пред неколку дена министерката во заминување Мила Царовска, додавајќи дека во најдобар интерес на децата, нивното ментално здравје и потребата од социјализација, е тие да следат настава со физичко присуство.

Според денешната статистика од вкупниот број на позитивни (766), регистрирани се 86 реинфекции.

Досега во земјата се направени вкупно 1.710.444 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 245.398, бројот на оздравени пациенти е 220.886, на починати е 8.115, а бројот на активни случаи изнесува 16.397.

Б.М.

Слични содржини