Тотенхем се договори за повеќе од интересно засилување пред почетокот на сезоната. Еден од најдобрите голгетери на Премиер лигата, Доминик Соланке доаѓа во Северен Лондон.
Тоа што зделката е во завршна фаза значи дека Соланке се согласил да го облече белиот дрес на Спарс кои ќе му платат 75 милиони евра на Бурнмаут. И тука „црешите“ не се прашуваат за ништо, бидејќи толку е висината на излезната клаузула.
Интересно, од таа цифра, 15 милиони евра ќе одат за Ливерпул, според договорот со Бурнмаут кога Соланке дојде на „Виталити“ пред пет години.
Соланке ќе биде застрашувачко засилување за Тотенхем по фантастичната сезона зад него. Тој постигна 19 голови во Премиер лигата, а повеќе постигнаа само Александар Исак (21), Кол Палмер (22) и Ерлинг Халанд (27).
И, се разбира, тој ќе се врати во Лондон седум години подоцна, по неговиот престој во Челси.
Останува да се види што ќе биде со Ричарлисон во Тотенхем во моментот кога има мега понуда од Саудиска Арабија, но тој ја одбил на „прва“. Сепак, доаѓањето на Соланке би можело да го промени неговото мислење.