Експлозија во руска воздухопловна база, загинаа три лица

од Stefanija Kuzmanovska
193 прегледи

Инцидент во воздухопловната база Енгелс во руската област Саратов се истражува, но нема штета врз цивилната инфраструктура, изјави локалниот гувернер по медиумските извештаи за експлозии во базата.

Украинските и руските медиуми објавија дека по полноќ се слушнале експлозии во воздухопловната база Енгелс, на стотици километри од линијата на фронтот во Украина.

„Немаше итни случаи во станбените области на градот (Енгелс)“, наведе Роман Бусаргин, гувернер на регионот, на Телеграм. „Нема апсолутно никаква опасност за жителите… Не се оштетени објектите на цивилната инфраструктура“, додаде тој.

Информациите за инцидентот во воениот објект ги проверуваат органите на прогонот. Новинската агенција РБК-Украина јави дека се случиле две експлозии.

Во нападот загинаа три воени лица, пренесоа руските агенции, повикувајќи се на министерството за одбрана. Тие наведуваат дека нападот бил извршен од украинско беспилотно летало, кое било соборено од руските сили.

„На 26 декември околу 01:35 часот по московско време, украинско беспилотно летало беше соборено на мала височина додека се приближуваше до воениот аеродром Енгелс во Саратовската област“, ​​соопшти руското министерство за одбрана. „Како резултат на падот на остатоците од беспилотното летало, загинаа тројца руски членови на техничкиот персонал кои беа на аеродромот“.

Министерството додаде дека авионската опрема не е оштетена.

Руската новинска агенција База објави, цитирајќи локални жители, дека сирените за воздушен напад се огласиле и дека се слушнала експлозија.

Слични содржини