„Ел Локо“ официјално станува претседател на Аргентина, Зеленски на инаугурацијата

од Vladimir Zorba
386 прегледи

Економистот Хавиер Милеи денеска ја презема функцијата претседател на Аргентина, а нацијата се прашува дали тој ќе се држи до своите предизборни ветувања или ќе владее поумерено, како што најави во последните неколку недели, пишува Би-Би-Си.

Милеи (53) се стекна со слава на телевизија, каде се појавуваше со пцовки и тиради на критики кон оние што ги нарече политичка каста, потсетува Би-би-си. На инаугурацијата ќе присуствува и украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Ја искористи својата популарност и најпрво стана конгресмен, не долго потоа се кандидираше за претседател, а неговата убедлива победа како самопрогласен „анархо-капиталист“ на прелиминарните избори во август предизвика шок во политичкиот живот на Аргентина и набрзо му донесе уште поголема популарност.

Би-Би-Си објави дека Аргентинците, разочарани од економската криза и троцифрената инфлација во земја во која четири од 10 луѓе живеат во сиромаштија, се покажале позитивно настроени кон необичните идеи на политичкиот аутсајдер Милеи, верувајќи дека тој може да ги извлече од неволја и да ја трансформира нацијата.

Како претседателски кандидат, Милеи вети дека ќе го исчисти политичкиот естаблишмент од корупција, ќе ја елиминира Централната банка, која ја обвини дека печати пари и ја поттикнува инфлацијата, и дека ќе го замени нестабилниот пезос со американски долар. Милеи победи со убедлива победа во вториот круг од изборите одржани на 19 ноември и ја испрати перонистичката политичка опција која со децении доминираше на политичката сцена во Аргентина во опозиција.

Во вториот круг Милеи ја доби довербата на речиси 56 отсто од гласачите, додека неговиот ривал Маса само 44 отсто.

„Започнува реконструкцијата на Аргентина и крајот на падот на Аргентина. На моделот на декаденција му дојде крајот. Нема враќање назад. Аргентина ќе се врати на позиција во светот која никогаш не требаше да ја загуби“, рече меѓу другото Милеи во победничкиот говор по објавувањето на изборните резултати.

Слични содржини