„Ел Мундо“: Чави останува во Барселона

од Vladimir Zorba
175 прегледи

Според сите пресметки, тренерот на Барселона, Чави Ернандез ќе остане на чело на клубот барем до крајот на договорот, до летото 2025 година, пренесува „Ел Мундо Депортиво“. Тренерот на Каталонците и претседателот на клубот Жоан Лапорта денеска ќе одржат заедничка прес-конференција на која треба да ја потврдат оваа вест.

Во написот, „Ел Мундо“ ги наведува причините поради кои Чави нема да ја напушти Барселона, иако тоа го кажа на 27 јануари, по поразот од Виљареал – 3:5.

Пред се, тренерот ужива целосна доверба и поддршка од раководството на Барселона – претседателот Лапорта, потпретседателот Рафаел Јусте и спортскиот директор Деко, како и доверливиот човек на Лапорта, Алехандро Ечеварија. Се чини дека сите донекаде го убедија Чави да ја преиспита својата одлука и да си замине, а цело време му даваа поддршка. Вчерашните средби меѓу тренерот и клупските челници конечно го принудија самиот Чави да остане во клубот.

Дополнително, на Чави му било ветено дека Барселона нема да се раздели со клучните играчи, а за очекување е тимот дополнително да се засили, колку што дозволува финансиската состојба во клубот, која не е сјајна. И покрај ова, Барселона минатата зима не ја прифати сериозната понуда на Баерн за Роналдо Араухо, па се очекува Уругваецот наскоро да го продолжи договорот.

Чави и Барселона на лето ќе се обидат да го доведат Бернардо Силва од Манчестер Сити, а клубот ќе бара и квалитетен дефанзивен играч за врска, а на списокот веќе е името на Аргентинецот од Бетис, Гвидо Родригез, кој би дошол без обештетување, откако неговиот договор истекува на крајот на јуни со клубот од Севиља. Се споменуваат и имињата на Џошуа Кимих (Баерн), Мартин Субименди (Реал Сосиедад) и Дени Олмо (РБ Лајпциг).

Друг фактор, никако незначаен, е целосната поддршка на Чави од самите играчи. Откако тренерот најави дека ќе си замине на крајот на сезоната, многу играчи на Барселона се обидоа да побараат од него да ја преиспита својата одлука. Поддршката од фудбалерите всушност беше еден од главните фактори за останување на тренерот, а особено се истакнаа младите играчи како Ламин Јамал, Пау Кубарси и Фермин Лопес.

На крајот клубот не успеа ниту да најде соодветен наследник на Чави. Многу тренери се поврзуваат со Барселона, а се шпекулираат Ханси Флик и тренерот на Баерн Томас Тухел, како и тренерот на вториот тим на Каталонците Рафаел Маркез. Ниту еден од нив, сепак, не се сметаше за врвен избор, кој би гарантирал подобар тимски настап. Во оваа ситуација, раководството на Барса одлучи дека Чави сепак е најдобрата опција за клубот.

Слични содржини