ЕЛЕМ продава струја на ден пред разрешувањето на Мицковски

од desk2
103 прегледи

Тендер за продажба на 25 мегаватчаса електрична енергија најверојатно ќе објави попладне државната ЕЛЕМ, соопшти директорот на компанијата Христијан Мицковски на последната средба со новинарите пред разрешувањето.

 

– Во текот на денот точно ќе се знае дали ќе се оди со тендерот денеска или ќе се остави за идната недела. Цената на електричната енергија на пазарот денеска е 97 евра што е два пати повисока од цена што ја има ЕЛЕМ на регулираниот пазар. Доколку се одлучи денеска да се понуди електричната енергија на пазарот утре ќе биде организирано јавното наддавање – информира Мицковски.

Тој инаку, како што рече, очекува на утрешната седница Владата да го разреши од функцијата, па затоа пред новинарите ги презентира финансиските резултати и техничките перформанси на компанијата за изминатите шест месеци од годината.

Мицковски соопшти дека ЕЛЕМ на својот наследник му го остава во добра финансиска кондиција со добивка од околу 9 милиони евра, а депозитите во неколку македонски банки изнесуваат 20 милиони евра.

И на полето на производството ЕЛЕМ, како што рече Мицковски, оствари добри резултати.

– Во првата половина од годината произведоа 2.166 гигаватчасови електрична енергија, што претставува 55 отсто од годишниот план за производство и е речиси 5 отсто повеќе од планираното.Термоелектраните произвеле над 1.708 гигаватчаса, а хидроелектраните 401 гигаватчас – рече Мицковски.

Во истиот период, како што додаде Мицковски ,ЕЛЕМ со домашно производство покри 95,82 отсто од потребите на регулираниот пазар,а 4,18 го обезбеди од увоз кој беше реализиран во јануари, март и во април.

Во однос на тендерите кои беа објавени ден пред назначувањето на новата Влада, а кои се однесуваа на топлификацијата на Битола и околните општини, како и тендерот за набавка на механизација во РЕК „Битола“, Мицковски рече дека е случајно совпаѓање исто како што случајно се совпаднала третата фаза на трансформацијата на хонорарците во редовен работен однос.

Мицковски даде мислење и за евентуалното назначување на Александар Обрадовиќ за директор на државната ЕЛЕМ.

– Тоа ќе биде потценување и девалвација на македонските екесперти и кадар. Но ако се сакало на првата позиција во ЕЛЕМ да се стави познат експерт, тогаш тој би требало да се бара надвор од Балканот – рече Мицковски.

Доколку биде разрешен, како што рече, нема да остане во ЕЛЕМ туку ќе се врати на факултетот каде што предава и ќе се посвети на новата политичка функција генерален секретар во партијата од која доаѓа./Plus info