Елен Баркин го обвини режисерот Тери Гилијам дека сексуално ја вознемирувал во лифт, по контроверзните негови зборови за движењето #Јас исто, пренесе Франс прес, цитирана од светските агенции.
„Мојот совет до жените е: Не влегувајте во лифт заедно со Тери Гилијам“, напиша на Твитер 63-годишната актерка која сними негов филм во 1998 година.
Според Тери Гилијам, за Харви Вајнштајн се зборува зашто има многу непријатели, а не поради сексуално малтретирање или сексуално насилство на повеќе од 100 жени.
77-годишниот режисер неодамна рече дека дебатите за # Јас исто станале премногу поедноставни, откако го прикажувале само „светот на жртвите“.
„Некои луѓе го искористија тоа“, рече тој.
„Познавам девојки кои го посетија станот на Харви Вајнштајн и сосема не беа жртви. Изгледа како глутницата да ги презела работите во свои раце“, додаде Гилијам.