Промените во светското безбедносно окружување се драстични. Тие рапидно ја сменија природата на безбедносната закана и на тој начин предизвикаа револуционерна промена на самиот начин на војување. Можеби оваа светска безбедносна ситуација најилустративно ја опишува Ентони Парсонс кој вели дека ,,светот од состојба на студена војна, влезе во состојба на вжештен мир”. Тоа само покажува дека заканата која е асиметрична, значи невидлива и непредвидлива, може да се создаде прекуноќ на било кое од петте современи домени на воена операција (земја, воздух, вода, сајбер и вселената), вели во разговор за „Локално“ поранешниот министер за одбрана и поранешен специјален пратеник на Владата за НАТО интеграции во Брисел, Лазар Еленовски. За безбедноста во земјава, со оглед на неколку конфликтни жаришта во светот, Еленовски истакнува дека наша национална обврска, но и како членка на НАТО е тоа да го превенираме, со целиот аспект што подразбира стратегија и ресурси за национална безбедност.
Посочува дека Македонија со зачленувањето во НАТО доби стратешко поместување на поимот безбедност, бидејќи станавме дел од систем на колективна безбедност, што значи дека во иднина за нашата безбедност не треба само ние да се грижиме туку и сите останати 30 членки на Алијансата, според основниот принцип на НАТО дека ,,напад на една членка е напад на сите”.
-Од друга страна, денес светот се наоѓа во фаза на динамично движење, кое не забавува туку напротив се забрзува. Тоа забрзување најмногу го потикнаа процесот на глобализација и технолошката револуција кои во последните 40 години донесоа радикални промени во цивилизацијата, какви што ги немало со векови претходно. Тоа се однесува на сите области, за кои сме секојдневни сведоци, вклучително и на областа на безбедноста, вели соговорникот.
Истакнува дека има суштинска разлика помеѓу државите кои се членки на НАТО со останатите кои не се членки. Тоа е големата разлика и денес голема предност за која Македонија уште од својата независност стратешки се определи за евро-атлантското семејство.
-Како што гледаме во јавноста се зборува за опасноста од руска агресија кон европски држави, но кои не се дел од НАТО, како Украина, Молдавија или државите од Западен Балкан кои не се во НАТО. Така беше и со Грузија во 2008 година. Колку и да имаше и има вжештени односи помеѓу НАТО и Русија, се покажува дека руското водство е рационално во насока дека се свесни за ризикот од поминувањето на црвената линија, а тоа е НАТО границата.
-Оттука, сите држави кои се од другата страна на границата со право стравуваат, бидејќи гледано од руска перспектива, загрозените држави се држави кои Русија ги смета за своја сфера на интерес. Како што го смета и црноморскиот, каспискиот и регионот на централна Азија. Од друга страна сведоци сме на еден процес каде држави соседи на Русија како што се Финска и Шведска стануваат или се на пат да станат членки на Алијансата, а Русија скоро и да не се помести. Мислам дека рационален одговор зошто Русија реагираше така благо на зачленувањето на Шведска и Финска во НАТО, а посебно Финска со која дели 1300 км граница, е фактот што тие држави се западни општества со западни вредности и не се дел од т.н. руски свет. Што значи самата Русија смета дека таму нема што да бара, анализира Еленовски.
Со оглед на ситуацијата на Косово и дали е можно прелевање на кризата, поранешниот министер за одбрана порачува дека Македонија има многу добри односи со своите два северни соседи.
-Наш принципиелен став е дека во нашиот регион сите меѓудржавни проблеми треба да се решаваат низ духот и принципите на добрососедството и почитување на демократските вредности. Во таа насока ние даваме значаен придонес во поглед на регионалната безбедност. Врз база на тие принципи ние треба да продолжиме да ги охрабруваме нашите два блиски соседи што побрзо да стигнат до конечното решение за надминување на конфликтот. Колку побрзо се стигне до конечното решение толку побрзо ќе се надминат опасностите и ризиците од потенцијалните предизвикувачи на нови конфликти на Балканот, укажува Еленовски.
За модернизирањето на македонската Армија со нови воена опрема, соговорникот објаснува дека сведоци сме како технолошките промени ја револуционизираа воената индустрија и доведоа до значителни промени во системите на безбедноста и одбраната.
-Самата повеќевековна парадигма за војувањето е променета со современиот концепт на глобална информатичка перспектива и интензивна технолошка модернизација. Доминацијата на технологијата ќе се зголемува во иднина и сето тоа ќе создава перманентен притисок врз државите во остварување на нивната национална безбедност. Оттука, за нашата држава е битно да продолжи да ги следи светските воени трендови. Тоа денес ни е полесно бидејќи сме членка на НАТО на чија маса се делат сите тие содржини. Но безбедноста сепак останува национална обврска. Во таа насока, важно е да се инвестира во нова воена опрема бидејќи инвестираме во нашата безбедност. После неколку години ниски буџети за одбраната, нагорниот тренд со кој се доближуваме до границата од 2% зацртана од НАТО, покажува дека се повеќе сме свесни и одговорни за предизвиците, но и дека вложувањето во безбедноста на државата, не се гледа како трошок, туку како инвестирање во иднината на државата, вели тој.
Македонија е сепак мала држава со мала армија и со лимитирани ресурси, додава Еленовски. Според него, многу е битно да знаеме во што точно треба да инвестираме за да добиеме сепак некаков заокружен безбедносен систем, како ќе се движи реформата на оружените сили на долг рок, каква ќе биде структурата на сили на македонската армија за 10 години итн.
-За поголемите и скапи воено-технолошки системи кои не можеме сами да ги имаме сметам дека треба да сме похрабри и да имаме регионални решенија со другите членки на НАТО од регионот или пошироко, во зависност од карактерот на воената технологија. Планирањето на реформите на оружените сили и во НАТО, но и во секоја сериозна држава е долгорочен процес со долгорочни цели. Досегашното искуство како членка на НАТО сметам дека може да влијание позитивно врз политичките и неполитичките фактори во државата да ја издигнат стручната дебата за националната безбедност на повисоко ниво. Како резултат на таква дебата секој нареден нов безбедносен концепт треба да се усвојува со национален политички и воен консензус, оценува поранешниот министер.
Во светот се повеќе сајбер-заканите се сфаќаат сериозно, на што Еленовски истакнува дека се помалку ќе доминираат традиционалните подрачја на воена операција како земјата, водата и воздухот, а се повеќе ќе доминираат новите домени на воена операција сајбер светот и вселената.
-Имајќи ја предвид новата безбедносна реалност, градењето на националните капацитети за сајбер одбрана треба да биде приоритетен процес на кој мора да му се обрне многу внимание. Дури денес во теоријата за технолошкото војување се истакнува дека побитно е да се неутрализира електронската критична инфраструктура на непријателот отколку неговата воена сила. На тој начин оружените сили би станале неупотребливи. Затоа ние треба овој аспект да го зајакнуваме долгорочно и уште поконкретно да го вградиме во нашата национална безбедносна структура, заклучува поранешниот функционер.
Н.П.