Елтон Џон позитивен на коронавирус, откажа два концерта

од Nikola Popovski

Познатиот британски музичар Елтон Џон на Инстаграм објави дека е заразен со коронавирус и дека поради тоа ќе откаже два концерта во САД во рамките на својата проштална светска турнеја.

„Позитивен сум на коронавирусот и поради тоа морам да одложам два концерта во Далас, закажани за денеска и утре“, изјави музичарот кој има 74 години.

Елтон Џон додаде дека има благи симптоми откако примил три дози вакцина против коронавирус, наведувајќи дека се надева дека ќе може да го одржи концертот закажан за сабота во американската сојузна држава Арканзас.

Музичарот ја започна својата проштална турнеја „Farewell Yellow Brick Road“ во 2018 година, планирајќи повеќе од 300 концерти во текот на три години низ целиот свет, до избувнувањето на епидемијата на коронавирус.

Во септември 2021 година, тој го издаде новиот албум „The Lockdown Sessions“ во соработка со млади уметници. Тој потоа ја одложи светската турнеја во октомври по операцијата на колкот. Џон се врати на турнејата во јануари.

Слични содржини