ЕМА: Вакцината Pfizer може да се чува во стандардни фрижидери

од Vladimir Zorba
169 прегледи

Следејќи го примерот на американската регулаторна агенција, европскиот регулатор во петокот одобри складирање на Pfizer / BioNTech против Ковид-19 во стандардни фармацевтски фрижидери, односно на повисоки температури од претходно препорачаните, што ќе ја олесни дистрибуцијата на вакцината.

Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека транспортот и складирањето на шишиња на Pfizer / BioNTech вакцината против Ковид-19 може да се одвиваат на температури помеѓу -25 и -15 степени Целзиусови, или на температури на стандардните фармацевтски ладилници две недели.

„Тоа е алтернатива за долгорочно чување шишиња со вакцини на температура помеѓу -90 и -60 степени Целзиусови, што е можно само во специјални фрижидери“, додаде ЕМА во соопштението.

ЕМА посочува дека ова во голема мера ќе ја олесни брзата дистрибуција на вакцините во Европската унија и ќе ја намали зависноста од складирање на многу ниски температури. Европските агенции го следат примерот на Управата за храна и лекови на САД (ФДА), која ја донесе таа одлука во февруари.

ЕМА денес даде зелено светло и за производство на вакцини AstraZeneca во фабриката Халикс кај Лајден во Холандија, што предизвика спор меѓу Лондон и Брисел. Според ЕМА, фабриката ќе произведува активна супстанција на вакцината AstraZeneca против Ковид-19. Pfizer и BioNTech ќе започнат со производство во Марбург, Германија, додека Modernа ќе започне со производство во Швајцарија.

Европската унија нарача 120, а беа доставени само 30 милиони дози од нарачаната вакцина AstraZeneca, поради што шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја предупреди британско-шведската лабораторија дека мора да ги исполни своите обврски од договорот.

Некои земји на ЕУ се „сериозно погодени“ од намалената испорака на нарачани дози на вакцината AstraZeneca, но исто така, како што предупреди австрискиот канцелар Себастијан Курц, од нееднаквата распределба во ЕУ, велејќи дека не треба да има „граѓани од втор ред“ во услови на вакцинација.

Во заедничката изјава во четвртокот, лидерите на ЕУ побараа од амбасадорот на ЕУ да го реши прашањето за доделување 10 милиони дози вакцини што треба да бидат доставени од BioNTech / Pfizer во вториот квартал, наместо во втората половина на годината.

Слични содржини