Ембиид суспендиран на три натпревари во НБА

од Vladimir Zorba
16 прегледи

Кошаркарот на Филаделфија, Џоел Ембиид, минатогодишниот најкорисен играч во НБА, беше суспендиран на три натпревари откако турна новинар од локалниот весник, објави Американската професионална кошаркарска лига (НБА).

Инцидентот се случи ноќта меѓу саботата кон неделата, за време на натпреварот помеѓу Филаделфија и Мемфис, кога 30-годишниот кошаркар турнал колумнист од локален весник, откако репортерот ја критикувал формата на Ембиид, притоа спомнувајќи ги неговиот син и покојниот брат.

Центарот на Филаделфија, кој летово го освои олимпиското злато со САД, ги пропушти првите шест натпревари од новата сезона поради проблем со левото колено, поради што веќе имаше операција во февруари.

– Иако разбираме дека Џоел можеби бил лично навреден од оригиналната верзија на колумната, интеракцијата треба да остане професионална на двете страни и никогаш не треба да води до физичка пресметка – изјави потпретседателот на НБА, Џо Думарс.

НБА наведува дека суспензијата на Ембиид ќе започне од првиот следен меч за кој ќе биде подготвен, а за време на суспензијата ќе му биде одбиена платата.

Во првите шест натпревари од НБА лигата, Филаделфија забележа само една победа, а следниот меч го игра ноќта меѓу среда кон четврток на гостувањето кај Лос Анџелес Клиперс.

Слични содржини