Познатиот штипски музичар и член на групата ДНК, Горан Тонев, се огласи после два месеци болничко лекување од несреќата во „Пулс“ во болницата „Папаниколау“ во Солун. На својот профил на Фејсбук, Тонев сподели фотографија со болничкиот персонал кој се грижел за него во изминатиот период, изразувајќи длабока благодарност.
„Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса, му благодарам на целиот персонал од болницата ,,Папаниколау” -Солун за неизмерната грижа и нега која ми ја пружија. Исто така сакам да се заблагодарам и на персоналот во Кочани и Скопје. Голема благодарност за сите мои роднини и пријатели коишто се молеа за мене. Моите чувства се измешани, колкушто сум среќен толку сум и тажен за загубата на сите деца ,а посебно за моите драги колеги и другари. Сочувство за сите фамилии“, објави Тонев.
Поп-ѕвездата Тамара Тодевска која е добра пријателка со Владимир Блажев – Панчо од дуото ДНК кој е еден од повредените, неодамна на социјалните мрежи одговараше на прашања од своите фанови, а еден фан ја запраша за состојбата на пејачот од дуото.
„Панчо е фала му на Бога подобар. Се молиме за него што поскоро да ни се врати“, одговори Тамара за состојбата на Панчо.
На кобниот 16-ти март, според снимките од концертот споделени на социјалните мрежи, додека пее групата проследено со пламени прскалки, почнува да гори конструкција на таванот која за неколку секунди се разгорува, кусо потоа се обидуваат да го изгасат со противпожарни апарати, при што се слуша глас на микрофон кој вика „Излезете сите“.
Во пожарот во Кочани загинаа 62 лица, а меѓу нив и членови на бендот.