Емотивна порака на мајка на „Маршот за ангелите“: Имаме една желба од Дедо Мраз, но знаеме дека не може да ни ја исполни…

„Имаме друга желба до него – да пресуди праведно за вашето прерано заминување. Ако ја исполни таа желба, ќе знаеме дека тој е вистинскиот,“ рече Мита Тасева чиј син Стефан загина во пожарот во „Пулс“

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Гласно.мк

Мита Тасева, мајка на починатиот Стефан Тасев, кој загина во дискотеката „Пулс“, на денешниот 35. протестен „Марш за ангелите“ во Кочани, им посака „среќна прва небесна Нова година“ на сите млади кои загинаа на кобниот 16-ти март оваа година.

„Ние ќе бидеме со вас на вечните почивалишта, гушкајќи ги вашите слики и вашиот студен мермер со солзи и болка, прашувајќи се: „Зошто“, а одговор нема. На Нова година се бара желба од Дедо Мраз и ние, ангели наши, имаме желба до него, ама знаеме дека тој не може да ни ја исполни и не може да ве врати, барем само уште еднаш ве гушнеме“, рече Тасева, додавајќи:

„Имаме друга желба до него – да пресуди праведно за вашето прерано заминување. Ако ја исполни таа желба, ќе знаеме дека тој е вистинскиот,“ се вели во пораката на мајката.

Тасева испрати емотивна порака до својот син:

„Направи им добра новогодишна забава на ангелите, како што знаеше овде да правиш. Те сака мама, ве сакаме сите наши ангели. Вечна ви слава“, порача Мита Тасева.