Романските обвинители во вторникот ги испратија на судење контроверзниот Ендрју Тејт, неговиот брат Тристан и уште двајца осомничени под обвинение за трговија со луѓе, силување и формирање криминална група за сексуална експлоатација на жени, пренесува „Ројтерс“.
Браќата Тејт и двајцата романски осомничени се во домашен притвор во очекување на кривична истрага за злоставувањата извршени врз седум жени, наводи кои тие ги негираа.
Четворицата беа во полициски притвор од 29 декември до 31 март пред судот во Букурешт да им одреди домашен притвор.
Ендрју Тејт е обвинет и за силување на една од жртвите, додека неговиот брат Тристан е обвинет дека поттикнувал други да извршат насилство.
Судењето нема да започне веднаш, според романскиот закон, случајот се испраќа до прелиминарниот совет на судот, каде судијата има 60 дена да ги разгледа списите на предметот за да се осигура законитоста.
Поранешните кик-боксери кои имаат американско и британско државјанство и милиони следбеници на социјалните мрежи, браќата Тејт, се досега најпознатите луѓе на кои им се суди за трговија со луѓе во Романија.
Обвинителите рекоа дека браќата Тејт ги регрутирале своите жртви заведувајќи ги со лажно тврдење дека сакаат врска или брак.