Енергетската криза заеднички интерес: Ќе има ли соработка помеѓу власта и опозицијат?

од Берта Китинска
257 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, побара средба со премиерот Димитар Ковачевски, за да го објасни партискиот концепт за излез од енергетската криза.
Мицкоски вели дека сега е потребно одговорно однесување, бидејќи енергетската криза преминува во финансиска. Тој на прес-конференцијата рече дека има контакти со компании од Германија, Швајцарија и Чешка кои се подготвени да преговараат со македонските власти за продажба на гасот.

Тој повика на итна реакција.

Претходно пак, денеска на седницата во собранието посветена на пратенички прашања, премиерот Димитар Ковачевски ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ контактите за набавка на евтина струја да ги достави до АД ЕСМ или до Министерството за економија.

„Секој кој што може да помогне во оваа голема криза, нормално дека тоа мислење ќе се почитува и нормално дека секој контакт ќе биде искористен. Кажав министерот за економија е на располагање, веќе имал контакт телефонски, значи не е дека немал телефонски контакт во текот на вчерашниот ден и доколку имаат навистина такви контакти кои што нормално дека ќе бидат евалуирани, јас да ви кажам има одредени понуди кои што доаѓаат до ЕСМ меѓутоа се работи за енергенси со франко позиција некаде во централна Европа“, вели Димитар Ковачевски.

Подаваме рака за сите кои се спремни да работат за граѓаните

„СДСМ, пратеничката група и претседателот Димитар Ковачевски подаваат рака за сите коишто се подготвени да ги надминат своите теснопартиски интереси, да работат за граѓаните и да дадат свој придонес во оваа насока. Премиерот Ковачевски, парламентарното мнозинсто и коалицијата којашто ја предводи се целосно посветени и работат на мерки и политики за заштита на стандардот на граѓаните, за помош на стопанството, обезбедување на храна, енергенси, струја, парно, на се она што е потребно во пресрет на тешката зима. Најавената конструктивност од страна на Христијан Мицкоски ќе ја поздравиме и ние и граѓаните доколку навистина е искрена“, се вели во соопштението на владејачката партија.

СДСМ соопшти дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса во Собранието, но ќе мора да се откажат од блокадите, деструкциите и кочењето и да ја покажат најавената конструктивност со конкретни чекори.

„Тоа е одговорно, тоа е државнички и тоа ќе биде во интерес на сите наши граѓани. Се друго е политиканство и во функција на дневната политика и ќе биде препознаено. Исто така, очекуваме оваа најавена конструктивност да се преточи во поддршка на европскиот пат на државата и сите потребни чекори за успешно, брзо и ефикасно завршување на преговорите за полноправно члество во ЕУ. Државата и сите наши граѓани имаат потреба од единство и заедничко делување, во однос на соочување со предизвиците од глобалната енергетска и економска криза, како и за стратешките интереси на земјата. Граѓаните очекуваат работа и резултати. За дуели, дебати и политички препукувања има време“, велат од СДСМ.

Слични содржини