Ентони Дејвис им соопшти на Лос Анџелес Лејкерс дека сака да стане слободен агент.
Тој го стори со тоа што одби да ја користи опцијата во неговиот договор, што ќе му овозможи продолжување на соработката за уште една година.
Според тој договор, на Дејвис би му следувало 28,7 милиони долари, а по следната сезона, тој би станал неограничен слободен агент.
И покрај тоа што стана слободен агент оваа сезона, се очекува, или многу веројатно, Дејвис следната година повторно да го носи дресот на Лејкерс.
„Веѓата“ се реши на ваков потег затоа што, најверојатно, сака да потпише нов, долгорочен договор со „езерџиите“ и да прибира над 30 милиони долари во следните неколку години.
Дејвис стана член на Лејкерс минатата сезона и заедно со Леброн Џејмс ја освоија шампионската титула, прва во неговата кариера. Тој придонесе за титулата играјќи одлично, со просек од 26 поени, 9,3 скока, 3,2 асистенции, 2,3 блокади, 1,5 украдени топки и 2,5 загубени топки.
Иако мислењето на мнозинството е дека Дејвис наскоро ќе потпише нов, долгорочен договор со шампионот, барем засега може да оди во кој тим сака.