ЕП: Влошено владеењето на правото во Унгарија и Полска

од Aleksandar Petrovski
224 прегледи

Европскиот парламент усвои резолуција со која предупредува дека состојбата во областа на владеењето на правото во Унгарија и Полска се влошила од активирањето на членот 7, кој предвидува суспендирање на одредени права на земји членки поради кршење на основните вредности на ЕУ.

– Разговорите кои ЕУ ги води со Унгарија и Полска се уште не резултирале со усогласување на овие земји со основните вредности на Унијата, предупредува ЕП.

Со усвоената резолуција се повикува на формално учество на ЕП на сослушувањата на официјални Будимпешта и Варшава за примена на законот во областа на владеењето на правото, како и на воспоставување траен ЕУ механизам кој ќе се занимава со демократија, владеење на правото и основните права.

Со документот се бара од Советот на ЕУ да им издаде конкретни препораки на државите во врска со утврдените рокови, со цел да се гарантира почитување на европските закони.

– Неуспехот на Советот ефикасно да го искористи членот 7 го поткопува интегритетот на европските вредности, взаемната доверба и кредибилитетот на цела ЕУ, нагласува Европарламентот.

ЕП потсетува дека во септември 2018 година укажал на проблемот за независно судство, слобода на изразување, корупција, како и кршење на правата на националните малцинства, мигрантите и бегалците во Унгарија.

Во случајот со Полска, Европската комисија во 2017 година побара европска акција поради вооченото кршење на независноста на судството во таа земја.

Членот 7 од Договорот од Лисабон од 2007 година, често нарекуван и „нуклеарна опција”, е дизајниран да се примени ако постои „јасен ризик од сериозно непочитување” на вредностите на ЕУ од некоја од земјите-членки.

Слични содржини