Првиот епидемиолог на Србија вели дека тој нема да „избега“, туку ќе остане во Кризниот штаб, во моментот кога се појавува нов пик на првиот бран на коронавирусот, пренесуваат српските медиуми.

Тој вели дека побарал воведување казни за непочитување на епидемиолошките мерки, но дека тоа не е донесено. Тој посочува дека ќе предложи нови мерки.
На заклучокот дека дел од патниците сè уште не носат маски во јавниот превоз, Кон вели дека тие се задолжителни, и дека ако некој се зарази така, нема што да се жали после тоа.
„Јас цело време сум за санкции, тие ми велат дека не можат. Што можам да кажам на тоа? Дали очекувате да го напуштам Кризниот штаб? Прашањето е, дали сите очекуваат од мене да го напуштам кризниот штаб?“, праша Кон, потенцирајќи дека, по нападот на социјалните мрежи, сега му довикуваат и на улица.
Говорејќи за фудбалското дерби меѓу Партиза и Црвена Ѕвезда, Кон изјавил дека на 12 јуни испратил предупредување дека не може да се организира на тој начин и дека публиката треба да биде забранета за следниот натпревар, по што клубовите брзо се дисциплинирале.
Тој тврди дека е можно да се организира присуство на 5.000 луѓе на фудбалски стадион и да се пропише растојание меѓу нив. Тој го обвинува организаторот дека не ги почитувал овие мерки.
„Јас тврдам дека може, но јас сум еден од ретките. Тука се смета дека ништо не може да се стори. Продолжуваат да велат дека не може да се спроведат ниту во автобусите, ниту во училиштата, ниту на други места“, изјави Кон.
Сепак, Кон не поддржува целосно затворање, затоа што во тој случај, вели тој, би ја имале оваа состојба многу години.
„Мора да се разбере дека ако немаме отворање кон животот, ќе ја имаме оваа ситуација неколку години. Мора да добиеме имунитет или да се вакцинираме“, рече Кон.
Ако цело време сме затворени, на крајот ќе престанеме да живееме, рече Кон, изјавувајќи дека прва жртва ќе биде здравствениот систем.
Кон исто така изјавува дека сите пак го напаѓаат медицинскиот дел од Кризниот штаб, велејќи дека тие ги жртвувале животите на луѓето заради изборите.
„Или ќе ги почитуваме мерките или нема да ги почитуваме, ако не сакаме да ги почитуваме, ќе ја имаме оваа ситуација цело време, ова е долга борба. Вирусот ни покажа дека нема намера да нè напушти“, рече Кон.