Епилог од аплаузот за нацистот: Претседателот на канадскиот парламент поднесе оставка

од Nikola Popovski

Претседателот на Долниот дом на канадскиот парламент, Ентони Рота, поднесе оставка откако го пофали и го покани во парламентот Украинецот Јарослав Хунка, кој се борел за нацистичка единица во Втората светска војна.

Откако првично ги отфрли повиците да се повлече, Рота поднесе оставка по состанокот со партиските лидери во Отава, јавува Би-Би-Си.

– Морам да се повлечам од претседателската функција. Ќе повторам дека многу ми е жал за се што се случи, рекол тој во парламентот.

Во меѓувреме, полскиот министер за образование, Пшемислав Чарнек изјави дека „презел чекори“ за екстрадиција на Хунка, 98-годишниот украински нацистички ветеран.

За време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Канада минатиот петок, Рота го претстави Хунка како канадско-украински воен херој, предизвикувајќи аплауз од парламентарците.

Оддавањето почит резултираше со бран критики од еврејските организации и лидерите ширум светот. Хунка беше член на 1-та украинска дивизија, позната и како 14-та Вафен-гренадиерска дивизија, која служеше под нацистичка команда во Втората светска војна.

Слични содржини